Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во емисијата „Само интервју“ на Канал 5, одговарајќи на прашањето дали ќе ја дознаеме целата вистина за грозоморните убиства, какви што не паметиме во историјата на Македонија, појасни дека МВР целосно го заврши својот дел од работите и тоа во оваа фаза од разоткривање на оваа трагедија, но и во понатамошниот тек ќе постапува и ќе биде вклучено за сите аспекти, за сите прашања, прибирање на информации, обезбедување на нови докази по барање на јавниот обвинител.

„Ние поднесовме кривични пријави, таа кривична пријава е на 100-тина страници во кои што се презентирани сите докази кои беа обезбедени до тој момент и се доставени до Јавното обвинителство и, секако, веќе имаме и оценка од јавниот обвинител во однос на прибирањето на доказите, прибирањето на вештачењата итн., дека практично се поклопуваат со тоа што досега е собрано. Важни се две работи: едната работа е што системот многу брзо ефикасно реагираше и дојдовме до разоткривање на случајот. Притоа се откриени сите сторители на ова грозоморно убиство. Второ, важно е што целиот овој процес мора до крај да се разработи, да се заврши и да се утврдат сите аспекти. Ние впрочем, а и јавниот обвинител најави дека е можно да имаме и проширување на истрагата, сѐ со цел да се дојде до конечната вистина во однос на мотивите и сето она што претставува интерес во однос на целиот овој случај. И тоа е најважната работа“, истакна министерот Спасовски.

Тој додаде дека нов момент е тоа што се побарани од Република Турција да се достават дактилоскопските податоци, папиларните линии, и тие се доставени и ќе бидат предадени во јавното обвинителство и се очекува наскоро да стигне и материјалот за ДНК анализа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.