Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во врска со синоќешниот инцидент со пукање во Бутел во кој меѓу нападнатите има и полициски службеник, изјави дека се приведени две лица, а се трага по уште тројца.

Станува збор за напад врз неколку лица, едно од тие лица е полициски службеник. Лишени од слобода се две лица. Има лица кои со другото возило практично го напуштиле лице местото. Очекувам дека наскоро и тие ќе бидат приведени кон лицето на правдата, рече Спасовски, на новинарско прашање на заедничката прес – конференција со неговиот босански колега Ненад Нешиќ.

Тој појасни дека според класификацијата, се работи за насилство.

Очекувам дека во текот на денот ќе завршат сите активности во однос на расчистување на целиот овој случај и дека повредените, ќе закрепнат. Важно е да тие лица бидат изведени пред лицето на правдата и да понесат одговорност, нагласи министерот.

Тој појасни дека во едно од возилата биле три лица, две од нив се приведени. Во другото возило имало уште две лица.

Запрашан до каде е постапката со случајот во „Шиша бар“ и дали можеби тој е поврзан со синоќешниот инцидент, министерот одговори дека има напредок во истрагата. Според првични проценка, смета дека нема поврзаност на овие случаи, но оти треба да се почека целосно да заврши истрага.

Секако, во истрагата се утврдуваат и повеќе информации и податоци. Тоа го даваат и криминалистичките истраги, вештачењата што ги имаме. Мотивите се криминални пресметки на одредени структури, секако дека подетално за мотивите ќе кажеме на крајот од истрагата. Меѓутоа тоа ќе биде во фаза кога ќе бидат прибрани сите докази и кога ќе можеме да соопштиме во јавноста. Сепак истрагата треба да ја водиме на ниво на институции, одговори Спасовски.

Тој нагласи дека сите активности што се потребни во делот на криминалистичките истраги се преземаат и на основа на наредбите што ги дава јавниот обвинител, течат вештачењата и утврдувањето на сите докази. Нагласи дека првично треба да се видат мотивите за синоќешниот напад.

Министерот нагласи дека граѓаните на Македонија треба да бидат спокојни за својата безбедност.

Заради тоа што институциите се тука и тие ја бранат безбедноста, јавниот мир и ред, во секој поглед. Мирот и стабилноста на граѓаните се приоритет број еден, рече Спасовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.