Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, гостувајќи во емисијата „Вин-вин“ на ТВ Телма, беше запрашан за присуството на наркотични средства на македонскиот пазар како нов притисок кој ги прави уште поранливи младите генерации.

Укажувајќи на неопходноста да се подигне нивото на будност на институциите кога станува збор за присуството наркотични средства коишто можат да бидат и блиску до младите, министерот Спасовски истакна: „Да, ние имаме зголемување во делот на откривачката дејност, интензивно се работи во тој дел. Ако погледнеме споредбено со години, 2011-2015 вкупно беа констатирани некаде околу 89.000 кривични дела, а 2017-2022 сме имале 98.000 кривични дела, бројот на сторителите е зголемен скоро за 2000. Или, 3.700 сторители во претходниот период 2011-2015, додека во 2017-2022 е 5.094“.

Во делот на спречување на недозволената трговија со дрога, министерот Спасовски посочи дека откривачката дејност е зголемена за 9,3 отсто, а ефикасноста на полицијата некаде за 37,2 отсто што, според него е показател дека нивото на поставеност на службите е многу повисоко од тоа што било претходно.

Тој потсети дека токму периодов пред една година на скопскиот аеродром беа запленети околу 1.000 килограми прекурсори со многу висок степен на квалитет, од коишто можеа да бидат произведени синтетички видови на дрога, а проценката на цената е некаде околу 160 милиони евра, што доволно говори за сериозниот пристап на институциите.

На прашањето за промената на амбиентот во градот, карактеризирана со враќање на нормалното, мир и спокој кај населението, благодарение на тивките полициски акции по угостителските објекти, при што е избрана стратегија без робусно влегување, легитимирање, претресување, министерот Спасовски подвлече дека многу е важно мирот и спокојот на граѓаните да бидат присутни секој ден и секој момент, а апсолутно е недозволиво одредена категорија на криминогени структури да можат да вршат насилство врз граѓаните.

„И токму заради тоа, знаете, минатата година реализиравме една оперативна акција која ја нарековме ‘Безбедно лето’, која имаше за цел да влијае на зголемувањето на безбедноста на територијата на државата и тоа ќе се работи и оваа година и, секако, посебно за град Скопје, оперативната акција која ја реализираме се нарекува ‘Безбеден град’. И тука учествуваат низа оддели од МВР со коишто преку одбрана стратегија и дефинирани таргети одиме кон континуирана контрола. И тука сакам да кажам дека ова нема да застане! Ние перманентно работиме во секој еден дел и секој еден сегмент во градот безбедноста биде на задоволително ниво“, рече Спасовски.

Тој во интервјуто додаде дека историски земено, постоењето на криминални групи е од многу одамна, но најмалку сега може да стане збор дека тие групи се толку моќни што ќе ги дефинираат одредени состојби во државата, бидејќи колку ќе дозволите таа група да биде моќна, толку ќе биде големо и нејзиното влијание.

„Најважното е колку вие ќе работите за да се спротивставите на таквите активности. Колку ќе бидете посветени и решителни да се справите со тој феномен. И токму заради тоа мислам дека одлуките коишто ги донесовме, ова што перманентно го работиме во целиот овој период, состојбата којашто се чувствува генерално во градот и државата, покажува дека никој никогаш не може да биде посилен од државата. Многу е важно како ќе работите и што сакате да постигнете во овој дел. Така што, уште еднаш напоменувам – нема поединец и нема да дозволам да има поединец којшто може да биде над институциите и државата!“, порача министерот Спасовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.