Сојузот на средношколците соопшти дека нивните четири предлог-мерки за подобрување на состојбата со менталното здравје на средношколците се прифатени од страна на Министерството за образование и наука. Тие се преточени во деветтата и десеттата препорака на Владата.

„Mу се укажува на секое училиште да обезбеди просторни услови за стручните соработници со цел да бидат отворени за ученици и доколку имаат потреба, учениците да може да закажат и тет-а-тет средба со својот училиштен психолог. Исто така, МОН заедно со стручните соработници од основните и средните училишта, претставници на Сојузот на средношколците, универзитетски професори, Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат, ќе формира работна група, која ќе креира протоколи за соодветна работа при обезбедување поддршка за психосоцијално и ментално здравје на учениците.

Создавањето протокол за дефинирање на новиот модел на работа на училишните психолози, односно тие да остваруваат тет-а-тет средби со учениците наместо да вршат административна работа, е заложба на Сојузот на средношколците уште од мај 2021 година. Оттука, Сојузот позитивно реагира на одлуката за почнување процес оваа наша визија да стане реалност.

Исто така, втората препорака на Владата предвидува создавање општински совети за превенција на детско престапништво преку локалните самоуправи и Државниот совет за превенција на детско престапништво. Во препораката јасно е наведено дека е потребно вклучување на Сојузот на средношколците во овие совети. Ние нотираме дека некои од општините тоа веќе го имаат направено, а имаат вклучено претставници од Сојузот за членови во овие тела“, велат од Сојузот.

Од таму ги поздравуваат препораките на Владата и велат дека ќе продолжат активно да се вклучуваат во овие процеси сè додека сите заедно како фактори во образовниот процес не го спроведеме новиот модел на работа на училишните психолози – тет-а-тет средби со учениците. Сојузот ги става сите свои капацитети на располагање во насока на подобрување на состојбата со менталното здравје на младите и насилството во училиштата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.