Сојузот на средношколци ги известува матурантите и целокупната јавноста дека, според информациите со кои располага, најверојатно ќе се успее во напорот првиот екстерен испит да се полага на 27 мај, како што е планирано.

Сојузот ова го поздравува. Апелираме на разумност и сериозност и ги повикуваме надлежните државната матура да ја одржат во веќе одредените рокови, наведува Сојузот.

Веќе трета недела е во штрајк синдикатот на Државниот испитен центар (ДИЦ), со што се доведува во прашање полагањето на државната матура. Датумите се 27 мај и 10 јуни. Од државната матура зависат уписите на матурантите на факултетите во земјава и во странство.

Сојузот на средношколци ја потсетува јавноста дека одржувањето на државната матура е законска обврска и оттука, како што наведува, државата е должна да ја спроведе во законски предвидениот рок.

Правото на штрајк е секако уставно загарантирано, но правото на образование исто е дел од Уставот. Законот за средното образование го смета одржувањето на матурскиот испит на крајот од секоја учебна година за должност на институциите. Како што кажавме и порано, ако не се одржи државната матура, ќе се создадат огромни проблеми за оваа генерација матуранти кои планираат да студираат во високото образование. Можното неодржување на државната матура најмногу ќе им наштети на матурантите кои планираат да студираат во странство, а според нашите анализи овој број изнесува 12 отсто од секоја една генерација. Токму затоа ја потсетуваме јавноста на нашиот ангажман во месец март за соодветно адаптирање на државната матура во интерес на сите средношколци и го повторуваме нашиот апел возрасните да не ја доведуваат иднината на овие матуранти под прашање, истакнува Сојузот во денешното соопштение.

Синдикатот на ДИЦ вчера одржа прес-конфренција на која соопшти дека на состанокот со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи не се договориле во врска со нивните барања за покачувања на платите и остануваат во штрајк. Синдикатот на 8 мај кажа дека воопшто не е изводливо дека првиот испит ќе се полага на 27 мај.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири е дециден дека полагање државна матура на 27 мај мора да има. За да се реализира процесот, ако е потребно, ќе се вклучат, како што најави, и вработените од МОН.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.