Поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски во допис до јавноста, кој е испратен преку неговите правни застапници, канцеларијата Доневски  тврди дека со системот за сообраќајни прекршоци што го набави тој за 70.000 евра ќе се намали бројот на жртвите за една половина, бројот на повредените за две третини и материјалната штета за повеќе од половина.

Ви го пренесуваме во целост:

„Софтверот на Рашковски“ не е софтвер на Рашковски, тоа е софтвер, односно цел систем на нашите граѓани кој требаше да спасува животи и сѐ уште може да спасува животи, кои за жал ги губиме по патиштата. Нема да навлегувам во тоа дали Обвинителството основано или неосновано води постапка против мене, тоа во текот на процесот кој ќе отпочне ќе се открие, не само моја невиност, туку и огромна нестручност на водење на предметите од страна на јавниот обвинител кој го води предметот. Затоа и не ги генерализирам ниту судиите ниту обвинителите, туку со име и презиме ќе бидат обзнанети факти за лицата инволвирани во овој процес. Ве молам објективно да известувате од судските процеси.

Јавноста речиси и да не знае што овој систем може да извршува и кои се придобивките од него. Ваков систем, со оваа комплексност можам гордо да кажам дека нема во повеќе од 5 земји во светот, за што истите имаат потрошено неколку десетици милиони евра, а ние како држава дури’ 70.000 евра. Системот е целосно функционален, имплементиран, тестиран, спремен за употреба, спремен да превенира губење на човечки животи, намалување на бројот на повредени учесници во сообраќајот и намалување на материјална штета, затоа што:

  1. Врши контрола на просечната брзина на движење на возилата на променливо растојание при променливост на локацијата на мерните инструмиенти.

  2. Системот детектира непрописно престројување и престигнување и алармира до мониторинг центарот.

  3. Системот детектира поминување на црвено светло и врши алармирање во мониторинг центарот.

  4. Системот детектира неносење сигурносен појас.

  5. Системот детектира можно зборување на мобилен телефон додека се управува со возило.

  6. Системот детектира нерегистрирани возила во сообраќајот и го известува мониторинг центарот.

  7. Системот ги детектира возилата на основ на зелена и црвена листа (зелена значи дека возилото е во ред, а црвена дека нешто не е во ред со возилото, односно дека возилото е пријавено за украдено, не е регистрирано итн.) и за истите испраќа аларм во мониторинг центрите и има можност за имплементација на системот на наплатни рампи каде во случај на детекција на возила на црвена листа, не ги пропушта.

  8. Системот нема да го пропушта возилото на граничниот премин доколку е внесено дека нешто не е во ред со него.

  9. Системот предвидува и детектира сообраќаен метеж користејќи ги сликите/видеата од камерите поставени на булевари, улици, раскрсници. Системот е отпорен на различни конфигурации на патот, осветлување, атмосферски влијанија и други препреки. Системот во реално време ги следи видеостримовите од сите камери и прави класификација на сликите во случај на детекција на сообраќаен метеж.

  10. Системот предвидува краткорочна појава на сообраќаен метеж како резултат на сообраќајна незгода или поголем проток на возила.

  11. Системот означува локации, со проценка на време на кои е веројатно да се појави сообраќаен метеж.

  12. Системот детектира лажни таблички односно доколку се појават две исти таблички во различна мониторирана област во исто или приближно исто време системот јавува аларм во мониторинг центарот.

  13. Системот е отпорен на проблеми/недостатоци на хардверот, за да не може и привремените паузи во неговата работа да предизвикаат проблеми.

  14. Системот врши баферирање на податоците во уредите во случај на прекин на интернет конекцијата меѓу уредите и софтверот. Податоците се преземаат по повторно воспоставување на интернет конекција.

  15. Системот имплементира безбедносни стандарди за работа во мрежата, бидејќи уредите/камерите се поставени на оддaлeчени локации.

  16. Системот автоматски издава комплетен извештај со слика од местото на сторениот прекршок и автоматски генерира казни.

  17. Системот работи со неограничен број камери независно каде се поставени.

  18. Системот треба да врши контрола на минимум 3 коловозни ленти.

Ова се само дел од можностите. Наскоро јавноста ќе биде запознаена со додатните можности на системот. Ова затоа што, како држава сме на дното на сообраќајната безбедност, што беше и мотив и причина за да направиме ваков систем.

За жал, јавниот обвинител кој го работи предметот против мене ангажираше вешто лице кое не знаеше да го вклучи системот, случајно или намерно, но и покрај тоа му беа исплатени 160.000 денари.

Затоа како медиуми, а преку вас и целата јавност да се избориме, она што го имаме да го користиме… зашто ова спасува животи. Научно е потврдено од светски анализи дека со ваков систем:

– ќе се намали бројот на жртвите за една половина,

– ќе се намали бројот на повредените за две третини,

– ќе се намали материјалната штета за повеќе од половина.

За набавката на овој софтвер, кој не е пуштен во употреба, Рашковски е обвинет за Злоупотреба на службената положба и овластување во врска со набавката на системот, а судењето почнува утре.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.