На барање на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на Собранието, Талат Џафери објави пауза од еден час. Седницата ќе продолжи во 17:55 часот.
Втор ден во Собранието се одвива дебата по Информацијата за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Македонија со Европската Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на ЕУ на 30 јуни 2022 година. Расправата и попладнево поминува на ист начин како и вчера.
Се пријавуваат пратениците од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и говорат против францускиот предлог, а кога ќе се пријават пратеници од СДСМ за реплика во салата има неподнослива бука предизвикана од вувузели, труби и свирки со кои пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги попречуваат да говорат.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова рече дека досега ваква преговарачка рамка немало
За преседан држава, преседан рамка – посочи таа.
Мирче Аџиоски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ обраќајќи се кон пратениците од СДСМ рече „ако е така како што кажувате дека бил заштитен македонскиот јазик, зошто денеска добивте демант од заменичката-портпаролка на ЕК која појасни дека вчера од оваа говорница претседателката на ЕК зборувала за јазикот на луѓето во Република Македонија која таа го нарекла македонски“.
Зошто тоа не го кажавте – праша Аџиоски.
Пратеникот од Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, кој е дел од владејачката коалиција, рече дека е сигурен дека може да се смени преговарачката рамка.
Демократскиот сојуз изгради ставови „не“ за францускиот предлог ако не се направат одредени корекции кои се во функција на нашите национални интереси, идентитет, јазик, историја, обичаи и традиции – истакна Трајанов.
Зоранчо Јованчев од ВМРО-ДПМНЕ во реплика на Трајанов рече дека не е момент за тактизирање. Тој го повика Трајанов да каже дали го поддржува францускиот предлог.
Јас заедно со ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ сме на страната на народот. Ова е понижувачки предлог. Застанете на страната на народот – посочи Јованчев.
Пратеникот Трајанов во контрареплика рече дека бара тоа што вчера го зборуваше Фон дер Лајен, треба да се стави во преговарачката рамка или во пакетот документи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.