На иницијатива на Министерството за образование и наука (МОН) отворени се електронски адреси каде ќе може да се пријавува врсничко насилство. Целта е да се превенираат несакани настани како оние што ја потресоа соседна Србија во изминатите два дена.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири ветува дека по секоја пријава на „prijavinasilstvo@mon.gov.mk“ и „paraqitdhune@mon.gov.mk“ веднаш ќе се постапува.

Вчера МОН ги почна и консултациите за креирање мерки и надополнување на постоечките механизми за детекција и спречување на врсничкото насилство, промена на пристапот за работа со деца со асоцијално однесување и за работа со нивните семејства.

– Ова е сериозен предизвик за сите нас. Имавме плодна дискусија и сите сме согласни дека промени мора да се случуваат, затоа што новото време ја менува динамиката на живот, се менуваат трендовите, се менува однесувањето на младите. Овие предизвици бараат и соодветен одговор, изјави по состанокот министерот Шаќири.

Процесот на креирање мерки за јакнење на воспитно-образовниот систем за справување со насилство, како што најави, ќе биде инклузивен и во него ќе бидат вклучени повеќе институции и поединци. Со цел вклучување на сите засегнати министерства, ќе следат и средби со МТСП, МВР и Министерството за здравство.

Ако се увиди потреба, како што рече Шаќири, ќе се направат и законски измени во системот за образование.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.