Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, при гостувањето во Тема на денот на ТВ Сител, се осврна на техничката грешка во однос на податоците од верската определба во Пописот за 2021 година, за која кажа дека се извиниле и дека таа е искоригирана.

Во однос на верската определба искорегиравме една техничка грешка којашто ја направивме првиот ден на објавување на соопштението. Ни се промакна да не приметиме дека сме направиле пермутација во полето за атеисти и евангелисти методисти. Луѓе сме и ние од крв и од месо и може да се погреши, а човечки е и да си ја признаеме грешката и да се извиниме. Апсолутно ни е жал што настана таква грешка и затоа си ја признаваме и се извинуваме. Не сакавме тоа да се случи, меѓутоа се случи, не можеме да го вратиме филмот назад – изјави Симовски.

Според првично објавените пописни податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС), беше наведено дека вкупно 355 лица се изјасниле како атеисти, но сега е направена корекција и нивниот број е 8.764 лица.

Прашан за бројката од 242.579 граѓани кои на пописот се изјасниле само како христијани, Симовски изјави дека како одговориле граѓаните така е запишан нивниот одговор.

Попишувачот не смееше да се меша во одговорот на испитаникот. Им беше забрането да се мешаат и да сугерираат одговори. Како е даден одговорот, така се запишало. 240 илјади и кусур граѓани се изјасниле како христијани, претпоставувам мислејќи дека се подразбира кога ќе кажат христијани на што се мисли меѓутоа ние мораме да го запишеме податокот прецизно – изјави Симовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.