Во ниту еден ЕК извештај не е забележан, бидејќи се однесува на почитување на права на малцинства, не е посочен проблем со Бугарија. Во Договорот со Бугарија нема барање за внесување на Бугарите во Уставот, ниту некогаш до сега Бугарија посочувала ваков проблем.

За Македонија во сите меѓународни извештаи било истакнувано дека има уставни гаранции и дека има повисоки стандарди за почитување на малцинствата над меѓународните, рече професорката Гордана Силјановска Давкова која е и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на утринската емисија „10 Студио“ на телевизија 24 коментирајќи ги актуелните случувања меѓу Македонија и Бугарија.

Според неа профилот на политичарите е многу важен, ова што се случува во Бугарија е поврзано и со нас, но и нашиот однос кон соседите.

„Ние се покажавме како држава која нема себепочит, ако секое барање однадвор поминувало со поддршка од надвор се покажува дека. Бугарија сега е дел од фамилијата, а фамилијата си ги штити децата“, укажува Силјановска.

Говорејќи за актуелната тема за промена на Уставот поради внесување на Бугарите во истиот, таа вели, нема да гласам од следниве причини.

„Уставот е највисок правен акт и е општествена повелба, секоја власт има мандат само за она со што излегла на избори, оваа власт не го кажала тоа пред граѓаните. Тоа мора да се каже пред граѓаните, а не е кажано. Тоа го нема ниту во Договорот со Бугарија значи се почитуваат правата на сите граѓани. Едноставно е се знае од каде доаѓа иницијатива за промена на устав, иницијатива за промена на Уставот не може да доаѓа од надвор“, рече Силјановска.

Таа е категорична дека „оваа власт е нелегитимна, премиерот си замина, најголемиот дел од министрите не биле на избори, затоа се потребни избори“.

Во однос на предлог законот за амнестија, Силјановска вели дека крајно време е да се преиспита квалификацијата за она што се случуваше на 27 април.

„Во битието на ова дело има нешто погрешно, тероризам не може никако да се препознае“, посочи Силјановска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.