Во говорот на првиот сенароден собие во рамките на кампањата од претседателските избори, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски им порача на насобраните граѓани да ги прочитаат принципите и столбовите за кои се залага професорката Гордана Силјановска Давкова.

Прочитајте ја и програмата платформа 1198. Твојата поддршка за Платформа 1198 е повеќе од клучна за да се реализира визијата за изградба на подобро општество кое е изградено и им служи на врховниот суверен – граѓаните! Оттаму, почетната премиса на овој длабоко обмислен политички проект е дека промените се во твои раце. И подобриот живот е во твои раце! Оваа програма се раѓа од длабоката посветеност кон развој, квалитетен живот и поставување на луѓето во самото срце на на нашата политика, рече Мицкоски.

Тој им порача и на пензионерите дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се грижи за нив.

Вие сте биле што сме, ќе бидеме што сте. И вие добро знаете дека вашето достоинство го нарушува неодговорното владеење. Притиснати сте со проблеми, и наместо на вашата возраст да ги минувате најубавите времиња и уживате во плодовите од вашата децениска работа, принудени сте да протестирате за правата кои ви следуваат. Ќе ги покачиме пензиите за 5 илјади денари, но и е го вратиме достоинството на пензионерите. Верувајте во нас и дадете ја вашата поддршка.

Од младите побара да не се откажуваат од Македонија.

Сметаме на вас, без вас и без вашата енергија нема промени. Потребни сте за новото време кое доаѓа. Ќе овозможиме заедно да ги остварите вашите соништа, тука да ја градите вашата иднина и среќа. Вклучете се во промените и дајте го вашиот глас. Одберете сила која може да го порази и промени системот во распаѓање. Верувајте во луѓето кои вистински можат да го подобрат вашиот живот и да донесат повеќе среќа за сите.

Испрати порака и до работниците.

Инфлацијата ги јаде платите. Знам дека сте незадоволни и барате но и заслужувате повеќе. За тоа мора заедно да се избориме. За подобри услови за работа, повисоки плати, за почит и достоинство. Ова е таа шанса на промените кои сега започнуваат.

До стопанствениците, поточно бизнисмените.

Од вас зависи дали петмина од ДУИ ќе ја водат државата и слугите од СДСМ ќе ги добиваат тендерите, или на правилен начин, согласно закон ќе се работи и вистинскиот квалитет ќе биде награден. Таа промена ја правите вие. Или ќе го одобрите рекетот на ДУИ и СДСМ или ќе се приклучите на бранот на промените и ќе не поддржите за конечно да има ред во бизнисот и се награди квалитетот. Крајно време е да станеме пристојна земја со ред, систем и бизниси кои ќе ја развиваат државата.

Сакам да испратам порака и до земјоделците, рече Мицкоски и потсети дека во земјоделието се создаде олигархија која го уценува и потчинува земјоделецот.

Оваа влада за вас не направи ништо. Напротив и тоа малку ви го зема. Во земјоделието се создаде олигархија која го уценува и потчинува земјоделецот кој е незаштитен во ниту еден поглед. Доаѓа крајот на тоа. Време е за промени. Приклучете се и поддржете домаќинска политика од која ќе бидете задоволни, почитувани и среќни.

Пораката до докторите гласи:

Здравствениот систем не е во распаѓање, тој е целосно распаднат. Вашиот труд и углед е нарушен од тие кои наместо белиот мантил ја одбраа корупцијата и криминалот и поминуваат неказнето поради врските од власта. И тие не се мнозинство, туку штетата а прават десетина луѓе кои ги узурпираат позициите. Трудот на лекарите е омаловажен и потчинет. Затоа е потребно да се приклучите на промените, за да се направи ред во здравството, да се почитува знаењето и трудот и да се вреднува вашиот придонес за ова општество.

Мицкоски ѝ се обрати и на албанската опозиција.

Сакаме да коалицираме со вас, но и да се почитуваме како пријатели и сограѓани. И Македонците и Албанците и сите останати ги имаат истите проблеми и предизвици. И вашите синови и ќерки се иселуваат исто како и нашите. Да работиме заедно за држава со систем во која сите еднакво ќе имаат привилегии, но и одговорност.

Порака испрати и до ДУИ.

И опозиција е добра за развојот на една партија и за себеоценка на сопствените грешки. Ослободете се од криминалот, ослободете ја државата од вашите корумпирани функционери и ќе го цениме тоа како ваш влог во соживотот и во системот на државата.

Мицкоски им се заблагодари за довербата на идните функционери од ВМРО-ДПМНЕ и до партиите од коалицијата и ги повика:

Никогаш немојте да го разочарате народот. Секоја грешка ќе биде остро санкционирана. Не планирам да толерирам или премолчувам било каков криминал и злоупотреба. Имаме многу заедничка работа, барам од вас пожртвуваност, посветеност, професионалност, верност на народот и државата.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ испрати порака и до своето семејство.

Благодарам што ме разбирате, што сте покрај мене во целиот изминат период, ве сакам и ви ветувам, никогаш нема да дозволам да се срамиме од тоа што го работам. Ќе направам максимум да бидете горди, моите успеси, нашите успеси, тие се и ваши успеси, затоа што без вас јас сум ништо.

И на крајот, ѝ се обрати и на својата Македонија со стиховите:

„Негде ќе те премолчат, негде ќе те сокријат, гроб со гроба ќе покријаат, само ти си бесмртна жива вода подземна, кај што тонеш ти извираш.

Векови пеколни заедно ќе минеме, древна земјо македонска, така е пишано ништо да не бидеме, ти без мене јас без тебе…

Може да те одречат други да те предадат, можат сешто да измислат, само ти си бесмртна, жива вода подземна, кај што тонеш ти извираш.“

Мицкоски го заврши говорот со порака дека ова не се обични времиња и ова не се обични избори, па затоа треба да се обединиме сите и да покажеме заедно дека силата на Македонија е во сите нас.

И ова може да е и нашата последна шанса да ја вратиме Македонија која ја сакаме. Ние сме сите исти, граѓани на оваа земја. Заедно ќе го почнеме следното ново поглавје на приказната за Македонија со зборови кои ќе одекнуваат од еден до друг крај на државата, кои ќе се пренесуваат храбро и гордо, зборови кои ќе покажат дека ја сакаме оваа држава и дека заедно ќе ја направиме повторно да биде ваша. Можеме!

Во историјата доаѓаат моменти како овој, кога мора да застанеме гордо и да одлучиме. Нашиот момент е сега! Ова е нашето време. Ова е нашето време. Да се обединиме во заедничката цел. Да го направиме овој мандат, а и да ја направиме оваа деценија од нашата историја нешто кое ќе се памети со генерации. Ајде да ја промениме реалноста, да го промениме секојдневието. Да го промениме светот во кој живееме на подобро. Да покажеме заедно дека силата на Македонија е во нас, во сите нас заедно, и да бидеме пример на сите идни генерации. Државата е твоја и време е да си ја вратиш во свои раце! Македонија повторно твоја! Промените во твои раце, порача Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.