Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите, упати честитка до припадниците на влашката заедница во земјава.
-На овој празник се потсетуваме на прифаќање на вистината дека Власите се посебен народ, со сопствен јазик, автентична култура и многувековно постоење на овие простори. Живеејќи омеѓени во неколку балкански држави, за Власите се вели дека се народ со многу татковини. А сепак, само во нашата заедничка македонска татковина, Власите се уставно признати и општествено ценети. Тоа се должи на македонската традиција на соживот и на почитување на достоинството на различноста, но и на влогот на Власите во борбата за слободна македонска држава. Пред 80 години, Власите рамноправно учествуваа и во формирањето на асномска Македонија, се посочува во честитката.
И покрај предизвиците во образованието, претставниците на влашката заедница, како што се додава во честитката, континуирано придонесуваат во секоја општествена сфера. Затоа, државата мора да ги отстрани и последните пречки за нашите сограѓани, Власи, да можат без никаков проблем да го остваруваат основното човеково право на образование.
– Јазикот е најцврста врска меѓу предците и потомците, со кој се пренесува неповторливото искуство и уникатната перцепција што народот го има за реалноста. Оттука, влашкиот јазик е дел не само од македонското, туку и од европското културно богатство. Затоа, потребна е одлучна акција за зачувување и за промовирање на влашкиот јазик, идентитет и култура, особено во образовниот систем и неговото користење во приватниот и јавниот живот, во духот на европските вредности. Со такво уверување, на сите припадници на влашката заедница им го честитам големиот празник – 23 Мај, стои во честитката од Сиљановска Давкова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.