Одговорот на прашањето за клучните приоритети со кои се соочува земјата во пристапниот процес со ЕУ е едноставен, но истовремено и многу тежок, смета амбасадорка на Шведска во земјава, нагласувајќи дека тоа е прашање за промена на Уставот и широкиот опсег на реформи кои што мора да бидат преземени, имплементирани и спроведени.

Шведската амбасадорка, чија земја претседава со ЕУ во следните месеци, нагласи дека политичките лидери на Македонија ќе одлучуваат за тоа дали да ги направат уставните измени, согласно прифатените заложби за отворање на пристапните преговори со ЕУ.

– Амбасадорот Гир зборуваше на оваа тема и беше многу јасен. Со цел да се одржи динамиката, постигната до денес во пристапниот процес, уставните измени мора да бидат направени. Тој, исто така, изјави дека не верува оти може да се оствари сето ова, само со договори. Вториот предизвик секако се реформите и владеење на правото. Сето тоа мора да се остварува многу брзо, изјави Џаин зборувајќи на денешната конференција „Година на нови можности“ во организација на Владата.

Таа, исто така, порача дека не треба да се отстапува од реформите, бидејќи Македонија оствари голем дел од своите заложби и напредокот во скрининг процесот на земјава се гледа многу позитивно и постои динамика.

– Ова е можност да се забрза процесот. Како што би рекле морнарите „ако имате ветер во едрата, тогаш одете на едрење“. Не останувајте во пристаништето надевајќи се дека утре ќе има подобар ветер, изјави Џаин.

Македонија може да смета на поддршката на Шведска на својот пат кон ЕУ, нагласи Џаин, посочувајќи дека патот може да биде долг, но земјата не е сама и Шведска е најголемиот билатерален донатор на пристапниот процес меѓу земјите членки.

Потребна е многу работа и одлучност за реформи, нагласи Џаин, но тие ќе им донесат корист на граѓаните, не од денот кога земјата ќе биде дел од ЕУ, туку од денот кога тие ќе бидат спроведени.

–  Борбата против корупцијата и владеењето на правото се основи за функционирањето и затоа и тие се областите со кои започнуваат земјите кандидати во пристапниот процес. Затоа не е лесна работа и секако ќе има пречки по патот. Но, потребна е сериозна посветеноста на сите засегнати страни. Транспарентност и одговорност. Агендата е тешка, и сите напори треба да се насочат кон реформите за да се напредува со поставеното темпо кон остварување на целта која Македонија си ја постави за пристапување кон ЕУ до 2030 година, изјави Џаин



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.