Во двете кризни години, државните институции купиле 142 нови возила за кои
платиле 3,6 милиони евра. Најскапото возило чинело 47.000 евра, објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) резултати од истражувањето и базата на податоци на набавените нови патнички возила од државните институции во текот на кризниот период од март 2020 година наваму.
Истражувањето покажува дека се набавени нови 142 патнички возила за 3 милиони и 609 илјади евра. Возила набавиле 42 државни институции.
Најмногу патнички возила набавила владината Служба за општи и заеднички работи на Владата, која доскорешните „пасати“ ги замени со 45 нови „шкода суперб амбишн“. Кога станува збор за конкуренцијата на тендерите за набавка на нови возила, таа и натаму опаѓа односно дури на 83% од тендерите имало само по една понуда. Повеќе од 40% од набавените нови возила се поскапи од 30 илјади евра.
Трите најскапо платени возила се „шкода суперб ФЛ“ од 47 илјади евра и „мерцедес Ц 180“ од 44 илјади евра – и двете на Државата видеолотарија, а на трето место е „хјундаи сонада“ на Агенцијата за електронски комуникации по цена од 43 илјади евра. Меѓу марките возила, се чини дека и натаму омилена марка на функционерите е „шкода“, која со 60 возила води на листата, како и претходните години.
„Долгогодишното второ место на „фолксваген“ му го презема „фиат“ од кој се набавени 25 возила, а на трето место со 13 возила сега е „ситроен“.
Меѓу фирмите, најголема вредност на договорите и овој пат има „Порше лизинг“ со скоро 2 милиони евра, „МИ-ДА Гранд Моторс“ со речиси 300 илјади евра и „Аутомобиле-СК“ со 274 илјади евра. Анализата ги опфаќа само патничките возила, а не и комерцијалните, односно товарните, транспортните и техничките возила“, се вели во анализата на Центарот за граѓански комуникации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.