Радмила Шекеринска се огласи по вчерашното назначување за заменик-генерален секретар на НАТО за да се заблагодари на бројните честитки и порача дека нејзиниот личен успех е успех на целата држава. Вели дека со гордост ќе ја претставува земјата во својата нова улога.
Драги пријатели,
Од срце ви благодарам за сите честитки, пораки и зборови на поддршка по повод моето назначување за заменик генерален секретар на НАТО. Вашите искрени честитки многу ми значат и ми даваат дополнителна сила и мотивација за предизвиците кои претстојат.
Се извинувам што не можам да одговорам на сите ваши пораки поединечно.
Пред мене е одговорност која бара целосна посветеност и работа на теми кои се клучни за глобалната безбедност и стабилност. Ќе продолжам да се залагам за вредности кои го зацврстуваат мирот, соработката и интеграцијата меѓу земјите членки на НАТО, но и да ја претставувам Cеверна Македонија со гордост на оваа висока меѓународна позиција.
Секој ваш збор на поддршка е и потсетник дека успехот не е само личен, туку е и успех за нашата држава. Заедно покажуваме дека Cеверна Македонија има што да понуди на глобално ниво.
Ви благодарам од срце! Вашата поддршка ми значи многу, порача поранешната министерка за одбрана.
Таа во Брисел беше избрана за заменик генерален секретар на НАТО и со тоа практично стана втор човек по редослед на функциите зад генералниот секретар Марк Руте.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.