Одржувањето на мирот и безбедноста во училиштата е обврска на сите граѓани. Институциите на системот, општините и самите училишта не можат да успеат во целта, доколку немаат поддршка од родителите, односно старателите и семејствата на учениците, од граѓанските активисти, здруженијата, општествено одговорните компании и така натаму. Затоа, сите да дадеме придонес и да создадеме средина во која младите ќе бидат фокусирани единствено на учењето, на стекнувањето знаења и вредности кои ќе ги направат да бидат добри и одговорни личности.
Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири за време на денешната посета на општина Кавадарци, каде заедно со градоначалникот Митко Јанчев го посети основното училиште „Димката Ангелов Габерот“ во чиј објект се извршени низа реконструктивни активности.
За време на посетата се дискутираше и за безбедносната состојба во објектот, а Шаќири рече дека училиштето има безбедносни протоколи и тие доследно се почитуваат од сите учесници во воспитно – образовниот процес.
Тоа ме радува, бидејќи само во мирна и хармонична училишна средина, можат целосно да бидат остварени целите на воспитно – образовниот процес. Во таа насока, веќе имаме изготвено и препораки за постапување за сите училишта со цел да ја зачуваат безбедноста и правилно да постапуваат при детекција на врсничко насилство и за истите ќе се дискутира на следната владина седница, кога очекувам и да бидат усвоени како конечни, информираше министерот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.