Девет земји од Централна и Источна Европа, вклучително и Македонија и Црна Гора, го прифаќаат барањето на Украина за членство во НАТО, се вели во заедничката изјава.

Документот го потпишаа претседателите на Романија, Чешка, Естонија, Латвија, Литванија, Македонија, Црна Гора, Полска и Словачка, кои наведуваат дека „цврсто стојат зад одлуката донесена на Самитот на НАТО во Букурешт за идното членство на Украина“.

Тие ја повикаа Русија „итно да се повлече од окупираните територии“ и нагласија дека „не ја признаваат легитимноста на припојувањето на териториите кон Руската Федерација“.

„Ние, претседателите од Централна и Источна Европа, од земји чиишто лидери го посетуваа Киев за време на војната и лично беа сведоци на последиците од руската агресија, не можеме да молчиме пред фрапантното прекршување на меѓународното право од страна на Руската Федерација и во таа насока ја даваме следнава изјава: Повторно ја изразуваме нашата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Не ги признаваме и никогаш нема да ги признаеме руските обиди за анектирање на која било украинска територија“, се наведува во заедничката изјава.

Рускиот претседател Владимир Путин на крајот на неделата потпиша договори за пристап со лидерите на Доњецката и Луганската народна република и регионите Керсон и Запорожје. Истиот ден, украинскиот лидер Володимир Зеленски го објави барањето за членство на Украина за забрзано членство во НАТО.

„Даваме целосна поддршка на Украина во својата одбрана од руската инвазија, бараме од Русија веднаш да се повлече од сите окупирани територии и ги охрабруваме сите сојузници значително да ја зголемат воената помош кон Украина. Секој што ќе изврши чин на агресија мора да сноси одговорност и да биде изведен пред правдата“, се наведува во заедничката изјава која ја потпишаа чешкиот претседател Милош Земан, естонскиот претседател Алар Карис, латвискиот претседател Егилс Левиц, литванскиот претседател Гитанас Науседа, македонскиот претседател Стево Пендаровски, црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, полскиот претседател Анджеј Дуда, романскиот претседател Клаус Јоханис и словачката претседателка Зузана Чапутова.

Но, од Алијансата порачаа дека „не е вистинскиот момент“ за тоа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.