Сериозни притисоци за прекин на штрајкот имало во градинки во Валандово и Гевгелија и во градинката „Орце Николов“ во Карпош, но штрајкот на СОНК продолжува и утре, најави денеска на прес-конференција раководството на Синдикатот.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, вели дека членови на синдикатот вработени во градинките пријавиле оти им бил вршен притисок да го прекинат штрајкот. Тој најави дека ќе поднесат и кривични пријави онаму каде што имало сериозни притисоци.

Никој не се поколебал, штрајкот трае секаде. Имаме и документација од една градинка во Битола, каде се бараат списоци и други активности кои се во спротивност со правилата за штрајкување, па постои основа за кривична пријава. Ние не би сакале кон ниту еден директор или некој од надвор кој врши притисок да поднесуваме кривични пријави, но во 21 век нема да дозволиме на некој да му се крати правото на изразување на протест поради незадоволство“, рече претседателот на СОНК Јаким Неделков.

Тој очекува во текот на утрешниот ден да седнат на маса со надлежните и да најдат заедничко решение, а подготвен е и денеска да оди на разговори, за кои се надева дека ќе вродат со плод.

Најави дека штрајкот продолжува и утре. Појасни дека ни едно дете не е оставено незгрижено. Дека во градинките се носат повеќе деца, а во училиштето, мал е бројот на оние кои дошле, но сите се примени и згрижени.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.