Праксата и на другите држави покажува дека сексуалното вознемирување е потребно да се инкриминира. Моментално, сексуалното вознемирување воопшто не е инкриминирано и не може да се обезбеди сеопфатна заштита на жртвите на сексуално вознемирување, истакна Тона Карева, истражувач од Хелсиншки комитет за човекови права и Мрежа за заштита од дискирминација на денешната промоција на Документот за јавни политики со фокус на силување и сексуално вознемирување.
Документот е подготвен во рамки на проектот „Мрежа за заштита од дискриминација: Унапредување на политиките и практиките за заштита од дискриминација и промоција на еднаквост“ поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија и се организира во рамки на обележување на меѓународната кампања 16 дена активизам против родово засновано насилство, што има за цел, како што велат организаторите, да го сврти фокусот на јавноста и институциите кон потребата за итно преземање одлучни чекори за превенција и заштита од родово засновано насилство.
Карева посочи дека случајот „Јавна соба“ е експлицитен пример со којшто може да се тврди дека токму
отсуството на хармонизирана законска рамка придонесува кон неказнување на сторителите на ваков вид насилство, особено доколку жртвите се полнолетни жени. Според Карева, потребни се и дополнителни обуки за јакнење на капацитетите на институциите, промоција и зајакнување на жртвите.
– Предлог-измените на Кривичниот законик предвидуваат внесување на ново кривично дело, „полово вознемирување“, што, всушност, претставува сексуално вознемирување. Термините полово вознемирување и полова страст треба да се заменат со сексуално вознемирување и сексуална страст, со цел усогласување на Кривичниот законик со Законот за спречување и заштита од дискриминација и
Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејното насилство, како и со Истанбулската конвенција, рече таа.
Според Документот за јавни политики, дополнително, потребно е да се додаде и „невербално дејствие“, со цел да се опфатат сите начини на сексуално вознемирување.
– Предлог-одредбата ограничува во однос на опсегот на лица кои може да вршат или да трпат сексуално
вознемирување, па потребно е изменување и во оваа насока. Сексуалното вознемирување не претставува искажување на сексуалните желби на мажите, туку средство за држење под контрола
на жените со употреба на закани и насилство, односно контрола на економскиот статус на жените. Покрај ова, сексуалното вознемирување придонесува и за опстојување и засилување на родовите стереотипи за
положбата и статусот на жените во општеството, стои во Документот.
Во Документот, како што посочи Карева, се анализирани кривичните закони на Хрватска, Шведска и Германија во делот на сексуалното насилство, односно силувањето и сексуалното вознемирување, како
држави со добри пракси.
Како што се наведува во Документот, во хрватскиот Кривичен законик инкриминирано е и „сексуално вознемирување“ и предвидена е казна затвор до две години. Дефиницијата за сексуално вознемирување во Кривичниот законик е во согласност со Истанбулската конвенција, односно сексуално вознемирување е секое вербално, невербално или физичко несакано однесување од сексуална природа што е насочено или, всушност, претставува повреда на личното достоинство, што предизвикува страв, непријателска, понижувачка или навредлива средина.
Во Шведска како кривични дела се предвидени и „сексуална злоупотреба“ и „несовесна сексуална злоупотреба“, во кои недостигот на согласност е клучен елемент. Не постои конкретно кривично дело кое се однесува на сексуалното вознемирување во Шведска. Меѓутоа, постојат неколку кривични одредби кои се однесуваат на интимните вознемирувања.
Додека, пак, материјалното право во Германија било изменето со цел имплементирање на Истанбулската конвенција со донесување реформа на кривичното право поврзано со сексуалното насилство во 2016 година. Со овие измени, како што се посочува во Документот, Германија за првпат го криминализира
сексуалното насилство при што како клучна е предвидена волјата на лицето да се вклучи во сексуални дејствија без потреба од дополнителни предуслови, како што се постоење на физички отпор, насилство или закани за животот. Реформата е позната како „не значи не“ и предвидува дека и физичките и вербалните одговори од жртвата би можеле да доведат до докажување на недостиг на согласност.
Во Документот се препорачува измена на предлог-измените на Кривичниот законик во врска со предвиденото кривично дело „полово вознемирување“ во насока на замена на термините „полово вознемирување“ и „полова страст“ со „сексуално вознемирување“ и „сексуална страст“, со цел усогласување на Кривичниот законик со Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејното насилство, како и со Истанбулската конвенција; додавање на „невербално дејствие“ со цел да се опфатат сите начини на сексуално вознемирување; искоренување на ограничувањето во однос на опсегот на лица кои може да вршат или да трпат сексуално вознемирување;
– Инкриминирање на сексуалното вознемирување во согласност со Конвенцијата за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство. Усогласување на правната рамка на Македонија со Конвенцијата за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство и Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените. Промена на кривичното дело силување во согласност со Конвенцијата за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство и Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените, се дел од од препораките произлезени од Документот за јавни политики со фокус на силување и сексуално вознемирување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.