Владината коалиција е стабилна и цврста, речиси официјално две третини мнозинство во рамки на Парламентот. Секој којшто ги споделува и поддржува политиките на оваа Влада може да се приклучи и да ги поддржува овие политики, порача премиерот Христијан Мицкоски, прашан дали е можно влегување на ЛДП во владината коалиција.
Дали ЛДП официјално би биле дел од владината коалиција, Мицкоски нагласи дека се уште не разговарал „ниту во рамките на коалицијата, ниту пак во рамките на партијата“.
Сепак, тоа е процес којшто е потребно да добие поддршка од сите чинители, не е доволно Христијан Мицкоски што ќе каже, битно е да видиме што велат коалиционите партнери, што велат нашата внатрешна коалиција во рамките на нашата партија за да дојдеме до конечен став. Но, секоја поддршка од секој пратеник којшто ги поддржува политиките на Владата е добредојден во рамките на гласањето во Парламентот – изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на општина Ѓорче Петров.
Во однос на пораката од претседателката на ЛДП Моника Зајкова и дали е можно да се изгради натпартиски став за уставни измени со одложено дејство, Мицксоки рече тој и во говорот на 23 Октомври повикал на „натпартиска позиција за многу од отворените прашања“.
Дадов одговор на вториот дел од вашето прашање, а на првиот дел од вашето прашање – апсолутно јас и на говорот за 23 Октомври повикав на надпартиска позиција за многу од отворените прашања коишто според нас како Влада претставуваат озбилни предизвици. Така што, секој де добредојден, вратата е отворена, секој којшто ги споделува овие стравови, страв можеби е претежок збор, секој оној којшто е загрижен вратата е отворена може да ни се придружи – изјави Мицкоски.
Претседателката на Либерално-демократската партија и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, во гостување на Само Вистина во Канал 5, порача „одложеното дејство на уставните измени да биде единствена натпартиска државна позиција“.
Постапката за уставните измени, според Зајкова, може и сега да започне, но би се завршила и измените би стапиле на сила со потпишувањето на пристапниот договор со Европската Унија.
Позициите на ЛДП се дека во последните заклучоци ништо не нѐ спречува ние да ги спроведеме уставните измени, односно нели ја почнеме постапката за донесување на уставните измени, за да стигнеме до таа последна фаза за уставниот закон, каде што самите предвидуваме кога истите би стапиле на сила. Точка 4 се однесува на тоа дека Македонија треба да ги спроведе уставните измени, точка 6 е дека ќе се одржи втората меѓувладина конференција без политичка одлука откако ќе го завршиме процесот на уставни измени согласно домашната процедура. Тоа остава можност за пошироко толкување, кое што нѐ води до она одложено дејство за кое што зборуваме и дека тука, ако тоа ни се позициите, треба да изградиме сите заедно една државна позиција дека да, еве ние сме ја завршиле нашата обврска, меѓутоа истите ќе стапат на сила откако сите земји членки, вклучително и Бугарија, ќе гласаат за“, појаснува Зајкова.
ЛДП, спред Зајкова, предлага измените да стапат во сила откако сите земји членки, вклучително и Република Бугарија како земја членка, би го ратификувале пристапниот договор за членство во Европската Унија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.