Се изнаплукавте ли доволно???

Три дена по ред читам како плукате и го поганите мојот народ само затоа што во донациите кои се мераат со тони и тони, случајно некому се протнало долен веш или некоја стара износена сандала. Па нели е нормално во спакуваните стари алишта да се најде нешто што не е соодветно? Зарем тоа е толкав голем проблем за некои несреќни луѓе кои загубиле буквално се’ во животот?

Старата сандала и долниот веш ги забележавте веднаш, меѓутоа никој не ги забележа илјадниците Македонци кои со солзи во очите, од сите страни на градот се слеваа кон плоштадот со цел да помогнат на нашите пријатели од Турција – како знаат и умеат.

А зошто никој не напиша пофален збор за Македонците, кои иако се најсиромашен народ во Европа, веднаш се мобилизираа и самоорганизираа за да помогнат. Кој колку може, кој што има – меѓутоа од срце. А толку се има, толку се може.

Бев таму и бев сведок како стари баби и дедовци плачеа на цел глас од жал за жртвите и м’кнеа огромни црни вреќи полни со облека, со искрена желба да помогнат на жртвите од ужасниот земјотрес.

Меѓутоа додека бев таму исто така видов како вреќите со облека невнимателно се истураат на земја од страна на тие кои ги примаа и како според некое нивно видување беа бирани одредени парчиња облека, додека другите се шутираа насекаде. Видов и многу солидни јакни, блузи и панталони, кои беа во многу подобра состојба од тие што моите деца секојдневно ги носат на себе, како беа расфрлувани насекаде. А видов и како на пунктот има закачено само турски и албански знамиња, меѓутоа ниту едно македонско, а и тие државни знамиња што беа закачени првите денови мистериозно ги снема од таму. Исто така видов како два багери товареа тешки камиони со донациите и при тоа плочките кои се наменети за пешаци се кршеа под тежината на огромните машини. И видов како плоштадот се претвора во гнасна депонија.

И сега сакам да прашам, дали и Вие го забележавте ова и дали не мислите дека наместо да плукате по најсиромашниот и најпитомиот народ кој секогаш е полн со емпатија и љубов кон сите други народи, треба да ја побарате вината во организаторот? Дали не може државата да организира вистински пункт кој што ќе биде достапен за тешки и за лесни возила? Дали не може да организира луѓе кои соодветно ќе ја распределат помошта во кутии онака како што доликува да се прати помош на еден пријателски народ? И зарем не може веднаш тоа што не е соодветно да се стави во контејнери и да се однесе на депонија? Да не поставувам прашања, колку од донациите (и парични и материјални) ќе завршат таму каде што вистински се најпотребни?

Немојте да плукате по Македонците. Тие помагаат секогаш и секаде, колку што можат. Нашиот народ од своја уста ќе одвои, меѓутоа и тоа малку – ќе го даде од душа.

А исто така сум сигурен дека тие што најмногу плукаат – најмалку даваат.

И на крајот, сакам по не знам кој пат да кажам дека никогаш не сум сретнал народ кој себе си толку многу се мрази и омаловажува. Затоа сме и тука каде што сме.

На дното.

Извор: Игор Довезенски 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.