Незадоволни членови од Синдикатот за образование наука и култура попладнево пред седиштето на синдикатот бараат претседателот на СОНК Јаким Неделков да се обрати и да објасни зошто штрајкот е ставен во мирување.

– Денеска се ретерира без знаење на членството и се носи одлука за која членството не е информирано. Тука сме да изразиме револт. Ние сме базата, ние сме членството и должен е Неделков да дојде и да објасни зошто ја промени одлуката, велат насобраните членови на СОНК, кои бараат оставка од Неделков.

Посочуваат дека се дојдени спонтано и дека се чувствуваат изиграни од претседателот на синдикатот. Велат дека не им се важни процентите за зголемување на платите, туку колективните договори.

– Голем дел од членството ќе продолжи да ги бара своите права. Нас не ни се битни тие 18 отсто. Прва работа поради која тргнавме во штрајк е колективниот договор, велат тие.

Прашани дали ќе има утре настава, велат дека оние деца што ќе дојдат во училиште, нема да бидат вратени.

– Сите оние кои утре ќе дојдат во училиште, ќе бидат прифатени. Ние ќе бидеме во училиште, ако дојдат деца, ќе ги примиме. Ако треба ќе држиме и настава, порачаа дел од наставниците кои попладнево се собрани пред седиштето на СОНК.

Синдикатот на СОНК денеска го стави штрајкот во мирување по добиеното известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука е подготвено преку мирно решавање на спорот да ги надмине разлките со СОНК



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.