СДСМ сè уште чека одговор од Христијан Мицкоски и Владата на ВМРО-ДПМНЕ за предлогот за свикување собраниска седница за европската интеграција на Македонија.

Премиерот Мицкоски и Владата имаат обврска пред пратениците и пред граѓаните да го презентира планот за продолжување на европската интеграција на земјата и подобрување на позициите во преговарачката рамка со конкретни рокови, како што беше ветено пред граѓаните пред изборите.

Oд друга страна пак, премиерот Мицкоски вчера рече дека не бега од тоа да ја запознае опозицијата за спорот со Бугарија но во моментов нема решение на повидок.

Според него, подобро е да се преговара, отколку да не се преговара. Во моментот, вели, нема предвидливо решение и проблемот е што не е јасен патот и целта. Повтори дека премногу отстапки се направени од наша страна во изминатиот период.

– Сите почнале и го завршиле процесот, ние немаме таков јасен показател и параметар. Кога ќе има и тоа би го зграпчиле. Нашиот став околу одложеното дејство не е ништо повеќе од формула која функционирала како што е Преспанскиот договор кој велеше дека амандманите ќе станат ефективни кога грчкиот Парламент ќе го ратификува пристапниот протокол за државава во НАТО.  Велат дека Преспанскиот договор бил ремек дело на дипломатијата, ајде тогаш тоа да го реплицираме – уставните амандмани да важат кога бугарскиот Парламент ќе го ратификува пристапниот договор за ЕУ. Ако е тоа добро, само да го копираме и примениме, нагласи Мицкоски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.