„Во центарот на нашата реформска агенда, а всушност и во претходна и сегашна програма која ја нудиме се луѓето. Затоа што луѓето се најважни и нивните знаења и вештини. Нема раст, развој без луѓе кои ги имаат потребните знаења и вештини за да се овозможи тој раст и развој“, истакна пратеничката и поранешна заменичка министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, во дебатата на подкастот посветен на Планот за раст и за придобивките од него на економски план и на планот на јакнењето на човечкиот капитал во земјата, заедно со вицепремиерот задолжен за европски прашања и секретар за меѓународна соработка на СДСМ и кандидат за пратеник, Бојан Маричиќ и со вицепремиерот задолжен за економски прашања и кандидат за пратеник, Фатмир Битиќи.
Санела Шкријељ потенцираше дека Планот за раст е најсериозниот инструмент на ЕУ за да го донесеме европскиот стандард дома.
„Важна е крајната цел, членството во ЕУ, но и низ самиот процес на пристапни преговори да си обезбедиме подобар квалитет на живот за сите нас тука. Ова е навистина многу важен инструмент кој значи не само техничка поддршка, туку низ реформите обезбедуваме подобар квалитет за живот за нашите граѓани дома проследени со значајна и дополнителна финансиска поддршка“, посочи Шкријељ.
Таа ја нагласи поентата дека поддршката од Планот за раст е врзана за конкретни реформи, како што е реформата на основното и средното образование и дигитализацијата.
„Дигитализацијата е навистина клучен сегмент. Дигитализацијата на услугите коишто се однесуваат на бизнис секторот се една работа, но ќе се навратам на областите кои се поврзани со човечкиот капитал како што е образованието, здравството и социјалната заштита и грижа. Тука навистина има огромен простор. Фокусот мора да биде и со тоа го започнавме развојот на дигитални вештини кај децата, но и кај наставниците. Децата на некој начин растат во тој свет веќе и се соочуваме со ситуации кога нивните познавања на тие дигитални вештини се понапредни од оние на наставниците и на тоа навистина мора да работиме“, рече Санела Шкријељ.
Таа посочи дека во Реформската агенда на Македонија врзана за Планот за раст на ЕУ има и проекти за инфраструктурно опремување на училиштата и за дигитализација на процесите во јавната администрација.
„Како што го поставивме системот на социјална заштита на цврсти темели, така треба да продолжиме во таа насока и во другите сфери кои можат да го зајакнат човечкиот капитал. ЕУ бара испорачување на некои стандарди и ние истото го сакаме. Да испорачаме реформи за да добиеме поголема финансиска поддршка“, истакна пратеничката и поранешна заменичка министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, во дебатата на подкастот посветен на Планот за раст и за придобивките од него на економски план и на планот на јакнењето на човечкиот капитал во земјата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.