Луѓето и владите во регионот имаат итна потреба од опипливи придобивки од пристапувањето кон Европската Унија. За да го постигнеме тоа, процесот на пристапување треба да се реформира и земјите кандидатки треба да бидат вградени чекор по чекор во структурите на ЕУ пред формално да станат членки, порача Михаел Рот, претседател на Комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг и поранешен министер за надворешни работи на Германија.

Задоволен е што претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, неодамна даде сличен предлог како и неговиот од минатогодишната посета на земјава, а денеска, од конференција во македонскиот Парламент, Рот конкретизираше шест предлози за реформи. Според него, тие ќе резултираат со постепено забрзан процес на интегрирање, кој смета дека ќе биде попривлечен за земјите од Западен Балкан и ќе ги приближи до ЕУ без притоа, како што рече, да ги поткопа строгите критериуми за пристапување.

За отворањето на преговорите, заедно со отворањето и затворањето на индивидуалните поглавја, во иднина, според Рот, треба да се одлучува преку квалификувано мнозинство во Советот на министри. Тоа е еден од шесте предлози што тој ги соопшти денеска пред македонските пратеници.

-Недозволиво е само една земја членка или две земји членки да ги уценуваат сите останати. Тоа беше горката реалност кога јас бев министер за надворешни работи. Јас бев на колена бидејќи прво требаше да ги убедувам француските колеги, а потоа требаше да ги убедувам бугарските колеги, истакна Рот во обраќањето на конференцијата „Унапредување на Берлинскиот процес преку парламентарна дипломатија“ организирана од Институтот за демократија Социетас цивилис-Скопје

Германскиот пратеник и дипломат предложи и земјите кандидатки кои остваруваат задоволителен напредок во склоп на рамката за преговори и во рамки на добро владеење и владеење на правото да бидат дел од Европскиот совет и да учествуваат редовно во Советот на министри.

-Пред пристапувањето, ЕУ треба да оствари уште потесна соработка со земјите кандидатки во клучните области на безбедност, енергетика и инфраструктура. Постепено пристапување кон заедничкиот пазар на ЕУ ќе биде привлечен стимул за пристапување во Унијата. Претпристапна финансиска помош за помагање на напорите за зачленување, која треба да се зголеми значително со цел да се надополнат недостатоците во однос на инвестициите и како еден вид заштита од кинеските заеми, рече Рот соопштувајќи ги предлозите.

Останатите два од шесте предлози со кои, според него, ќе се реформира процесот на ЕУ-интергрирање се: зајакнување на улогата на проевропското граѓанско општество, на пример преку процедури за задолжителни консултации, и дека европските земји членки треба, како што рече, да се впуштат во процес на спонзорства преку кои ќе обезбедуваат техничка помош во процесот на пристапување.

-Вчера зборував со моите колеги од Македонија и на сите им е преку глава од Европската Унија. Тоа се млади луѓе кои имале доверба и јасно ми е зошто повеќе не и веруваат на ЕУ. Не станува збор само дека вие треба да ги исполните вашите обврски, туку и ние треба да ги исполниме нашите обврски и да ги исполниме нашите ветувања. Без сомнение, Македонија може да извлече придобивки од овие реформи и токму тоа и е потребно на вашата земја по толку години чекање. Како најголема земја членка на ЕУ, Германија има посебна одговорност за иднината на Западен Балкан и навистина се гордеам што ова е една од главните теми на агендата на нашиот премиер, истакна Рот во Собранието.

Враќањето на војната во регионот, како што рече, и далo до знаење на ЕУ дека стабилизацијата и интеграцијата на „нашите соседи од Источна и Југоисточна Европа е за наш интерес“.

-Тоа не е подарок, туку е за наш сопствен интерес. За да го постигнеме ова, процесот на проширување мора да се реформира на тој начин што граѓаните во земјите кандидати, како што е Македонија, ќе може да извлечат придобивки од првичните предности што ги нуди членството во Унијата, дури и пред да стапи официјално како членка во ЕУ. Европската Унија одвои многу време и вложи многу доверба во земјите од Западен Балкан во изминатите години. Македонија е најдобриот или, за жал, најлошиот пример за ова. Европската интеграција на Македонија ќе биде од симболично значење за целиот регион затоа што е мултиетнички пример за Западен Балкан, рече Рот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.