Адвокатката Маја Ристова од адвокатска канцеларија „Ристова“ е избрана за одговорно лице кое ќе истражува, но и ќе предлага идни законски решенија на тема – врсничко насилство.
Поради тоа што сметав дека булинг (врсничко насилство) кај нас во пракса има многу, а во закон малку, а имајќи предвид дека булингот и мобингот (вознемирување на работното место) се сродни поими, решив малку повеќе да се позанимавам со булингот, за да можам да помогнам каде и колку треба. Особено во делот на имплементација на она што ќе биде инкорпорирано во законска рамка, објаснува таа.
На социјалните мрежи Ристова ја сподели табелата со која детално се прикажува кое е првото ниво на насилство врз ученик.
Таа потенцира дека директорот, наставниците и стручните соработници се должни да спроведуваат активности за превенција од насилство, но и мерки за заштита од истото.
Истражувањето „Правата на децата во нашите училишта“ на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Народниот правобранител и Министерството за образование и наука (МОН), кое беше презентирано неодамна на Светскиот ден на дететото, покажа дека во Македонија насилството е присутно и зема сериозен замав во училиштата.
46 проценти од учениците се изјасниле дека биле жртви на некаков вид насилство на училиште. Најчесто учениците сметаат дека тоа е вербално насилство, а нивните родители велат дека поголем замав зема социјалното насилство.
Неколку случаи на булинг и врсничко малтретирање ја шокираа јавноста последните години, а последниот случај во моментот е во рацете на Обвинителството, кое постапува по настанот во кој две малолетнички брутално претепуваат 15 годишно девојче во центарот на Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.