Државниот завод за ревизија ги објави конечните ревизорски извештаи на Министерството за финансии за 2021 година.

Од извршената ревизија на финансиските извештаи на МФ и ревизијата на усогласеност на сметката на основен буџет (631) за 2021 година, ревизорите изразиле мислење со резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и мислење без резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики.

Со извршената ревизија на финансиските извештаи за 2021 година, заедно со ревизија на усогласеност, констатиравме дека пописот на средствата не е извршен целосно согласно со Правилникот за сметководството на буџетите и буџетските корисници, во делот на пописот на постојаните средства и ситниот инвентар, како и во делот на усогласување на фактички утврдената состојба со сметководствена евиденција на средствата. За утврдената состојба дадена е препорака до одговорните лица во МФ со цел преземање мерки за надминување, наведува ДЗР во резимето за ревизијата.

Од извршената ревизија на финансиските извештаи на Министерство за финансии и ревизија на усогласеност на сметката на основен буџет (637) за 2021 година, исто така е изразено мислење со резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и мислење без резерва за усогласеноста на финансиските трансакции и информации со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики.

Со извршената ревизија на финансиските извештаи за 2021 година, заедно со ревизија на усогласеност, ревизорите констатирале дека е извршено осигурување на дел од недвижниот имот и опрема со кои располага МФ, земјиштето како и дел од објектите за кое МФ има стекнато право на трајно користење, не се сметководствено евидентирани, 35 објекти за кои Министерството има обезбедено имотни листови, сметководствено се евидентирани без вредност, поради необезбедена документација за утврдување на вредноста, пописот на средствата, побарувањата и обврските не е целосно извршен, а во дел од постапките за јавни набавки, предметот на набавка не е утврден како делив заради обезбедување на целосна конкуренција.

Ревизорите истакнуваат дека постои потреба од усогласување на Законот за организација и работа на органите на државната управа со поодделните закони кои го регулираат основањето на државни органи и институции и дека во тек е постапка на донесување Предлог закон за вработените во јавниот сектор во кој е утврдена висината на платата на посебните советници во одделните институции.

Целосните извештаи од ревизијата се достапни линкот на страницата на ДЗР.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.