Денеска во Приштина, Косово, се одржа средба меѓу генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ Вардарски, секретарот за меѓународна соработка Бојан Маричиќ, претседателот на СДММ Марко Михаилоски и генералниот секретар на партијата Самоопределување, Алим Рама придружуван од секретарот за меѓународна соработка од оваа партија, Хајрула Чеку.

Како што соопштуваат од СДСМ, на средбата се разговарало за „понатамошната соработката меѓу двете партии, за регионалната соработка и дијалогот како клучни столбови за стабилност и европската иднина на Западен Балкан“.

Взаемно беше истакната заложбата за продлабочување на соработката меѓу партиите во рамки на ПЕС, откако Самоопределување стана придружна членка на Партијата на европски социјалисти, но и помеѓу политичките подмладоци. Заеднички е потврдено дека европски вредности и дијалог за сите прашања се исклучително важни за државите во целиот регион и прогресивните партии треба да придонесат во јакнење регионалната соработка и стабилноста на Западен Балкан, велат од СДСМ.

Од Самоопределување, пак, соопштија дека на средбата била нагласена важноста на соработката меѓу нив и дека ја утврдиле потребата за продолжување на патот на соработката меѓу двете организации, како што имаат и нивните два младински форуми.

Ја затворивме средбата на која разговаравме за идните настани во кои ќе бидеме заедно и други чекори за продлабочување на соработката секогаш под светлината на социјалдемократијата, велат од Самоопределување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.