Професорот Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола низ бројки ја анализира, како што вели, катастрофалната зделка за гасната централа на Митилинеос.
Анализата ви ја пренесуваме во целост:
После првиот шок со најавата за гасна централа на грчката компанија Митилинеос, читајќи го Договорот за стратешки инвестиционен проект „Митилинеос когенеративна постројка Скопје“, можеме да ги направиме првичните пресметки за профитот на грчката компанија, односно загубите што Македонија ќе ги претрпи како резултат на штетниот договор што забрзано се форсира.
Да ги видиме основните параметри на комбинираната гасна електрана, што ќе работи во комбиниран гасно-парен циклус.
1.) Индикативна вредност на проектот: според Грците 290 милиони евра, односно 2 милиони евра/MW инсталирана електрична моќност. Реално, би требало да чини околу 123 мил. евра, односно 0,85 мил. евра/MW, колку што чинеа гасните електрани во Србија изградени од руската компанија Газпром. Инаку, самата цена единствено има влијание на времето на отплата, за кое ќе видиме дека е многу кратко.
2.) Годишно производство на електрична енергија: 1150 GWh
Инсталирана електрична моќност: 144,7 MW
3.) Годишно производство на топлинска енергија: 275 GWh
Инсталирана топлинска моќност за греење: 92,8 MW
4.) Степен на корисно дејство на електраната: 50,38% во когенеративен режим (во зима, со производство на топлинска енергија), односно 54,4% во кондензациски режим (во лето, производство само на електрична енергија).
5.) Македонија е должна да обезбедува по 9 GWh/ден топлинска енергија од гас.
6.) Македонија е должна да откупи најмалку 85% од нето достапното количество електрична енергија (1150 GWh), без разлика колку реално ќе потроши. Кај топлинската енергија, независно колку ќе се потроши, годишно ќе мора да се порамни, односно да доплати до 275 GWh.
Вкупната сума TP што ќе се плаќа месечно претставува збир од следните суми:
HP – сума за топлинска енергија
EP – сума за електрична енергија
SBP – сума за повратна продажба, за разликата од откупената до нето расположливата енергија од 1150 GWh
CC – јаглеродна такса, за емисија на јаглерод диоксид
SUC – трошоци за стартување на електраната
AP – плаќања за недостапност.
Најголеми и најважни се првите две ставки, за електрична и топлинска енергија, па нив ќе ги анализираме малку подетално., користејќи ги формулите од Договорот.
Сумата за топлинска енергија HP = H*EffHT се пресметува како производ на количеството на топлинска енергија H [MWh] и единечната цена на топлинската енергија EffHT=87 EUR/MWh (колку што моментално добива ЕСМ), односно поскапо дури и од самата електрична енергија од РЕК Битола.
Годишно само од топлинска енергија приходите на Митилинеос ќе изнесуваат 275.000*87=23,9 милиони евра. Ова им е чист подарок, бидејќи се работи за отпадна топлина, за која трошокот за гас е целосно вкалкулиран во цената на електричната енергија, како што ќе видиме подолу.
Сумата за електрична енергија EP=E*EffET претставува производ на количеството на електрична енергија Е [MWh] и единечната цена на електричната енергија EffET [EUR/MWh]. Количеството претставува поголемата вредност од вистински потрошената енергија и загарантираниот минимум од 85% нето расположлива енергија од 1150 GWh.
Цената на електричната енергија EffET се состои од три дела: EffET=RPA+FPA+HTA, каде RPA е прилагодена референтна цена, FPA е прилагодување (корекција) заради цената на горивото, а HTA е прилагодување заради тарифата за топлинска енергија.
Најважна е RPA, којашто изнесува 74 EUR/MWh, при цена на гасот од 18 EUR/MWh. Според формулите во Договорот се гледа дека од споменатите 74 EUR/MWh, 21.4%/26,2% (за когенеративен/кондензациски режим), односно 15…19 EUR/MWh се профитната маржа на Митилинеос, од каде ќе ја отплатуваат инвестицијата и ќе им останува чист профит. 13% од 74 EUR/MWh, односно 9,6 EUR/MWh (подложни на индексирање поради инфлацијата!) се трошоци за плати и останати трошоци на работењето. Преостанатите 65,6%/60,8% од 74 EUR/MWh (за когенер./конденз. режим), односно 48,5/45 EUR/MWh (корегирани за отстапување на ефикасноста од проектираната ефикасност), се трошоци за горивото, сметано со негова цена од 18 EUR/MWh.
Вториот дел од цената, FPA, во себе ја вградува разликата помеѓу берзанската цена на гасот (TTF) и референтната цена од 18 EUR/MWh, но и трошоците за транспорт на гасот, коишто изнесуваат околу 34% од цената на самиот гас. Овие трошоци се делат со споменатата ефикасност на електраната од 50…54%, за да го дадат учеството во цената на струјата. На пример, ако цената на гасот на берза изнесува 35 EUR/MWh, а транспортните трошоци изнесуваат 10 EUR/MWh, тогаш доплатата над 74 EUR/MWh изнесува FPA=(35-18+10)/0,54=50 EUR/MWh, што додадено на основните 74 EUR/MWh веќе ја покачува цената на 124 EUR/MWh, односно повеќе од двојно од цената на струјата од РЕК Битола. Овој дел од цената нема влијание на профитабилноста на Митилинеос, бидејќи во целост е на товар на потрошувачите.
Ако цената на гасот поскапи на 60 EUR/MWh (а била и поскапа за време на гасната криза пред две години), електричната енергија ќе чини вкупно 189 EUR/MWh, а ние ЌЕ МОРАМЕ ДА ЈА ОТКУПИМЕ И ПЛАТИМЕ, согласно договорот. Ако пак ние самите инвестираме во централата и цената не ни одговара (на пример во ноќните часови или дење кога произведуваат фотоволтаиците), тогаш ќе можеме едноставно да ја исклучиме централата, избегнувајќи плаќање на висока цена.
Општо земено, самоубиствено е да се гради гасна централа за производство на базична енергија, а договорените 1150 GWh можат да се добијат само со 24-часовно производство, што е многу неповолно за нас.
Третиот дел од цената на електричната енергија, HTA, претставува всушност нејзино намалување поради продажба на отпадната топлина, ако нејзината цена е поголема од референтната цена од 16,2 EUR/MWh. На пример, ако регулираната цена на топлинската енергија изнесува EffHT=87 EUR/MWh, загарантираните откупени количества на електрична и топлинска енергија изнесуваат 1150 и 275 GWh, тогаш HTA=(16,2-87)*275/1150=-16,9 EUR/MWh. Така купувачите на топлинска енергија, со подобро искористување на горивото им ја намалуваат цената на купувачите на електрична енергија. Овој дел од цената нема влијание на профитабилноста на Митилинеос, туку единствено има значење за купувачите на електрична енергија.
Особено интересно е таканареченото „плаќање за повратна енергија“ (SBP). Во случај да преземеме помалку енергија од нето распложливите 1150 GWh/год (дури и ако сме го презеле договорениот минимум од 85% од нето расположливото), разликата ќе мораме да ја платиме по тарифа SBT=38 EUR/MWh. Ова ќе претставува вистинска посластица за Митилинеос, бидејќи без да троши гориво ќе прави лесни и брзи пари од – ништо. Или уште подобро, може да произведува и да ја извезува електричната енергија, а истовремено од нас да наплатува по 38 EUR/MWh!
Во секој случај, Митилинеос нема никаков ценовен ризик, односно ризикот е наш бидејќи ние ќе ја плаќаме цената на гасот, колку и да биде висока. Тука не се земени во предвид уште и јаглеродните пенали, што купувачите ќе ги плаќаат преку цената на електричната енергија најдоцна од 2030 година.
Нема да ги анализираме останатите, помалку битни ставки (на пример за стартување и за недостапност), но ќе направиме една анализа на исплатливоста и профитабилноста од електраната за грчката компанија.
Споменатата профитна маржа од 15-19 EUR/MWh (средно 17 EUR/MWh), на загарантирана годишна продажба од 0,85*1150=978 GWh на Грците би им носела добивка (пред каматни трошоци, а од даноци секако се ослободени) во износ 978.000*17=16,6 милиони евра. Заедно со 23,9 милиони евра од топлинската енергија, тие би остварувале вкупно 40,5 милиони денешни евра годишен профит, независно од цената на гасот.
Преминуваме на пресметка на времето на отплата. Рековме дека реалната цена на електраната од 145 MW изнесува 123 милиони евра. Македонската влада би сакала да им подари 50 милиони евра неповратна помош ЗА НИШТО, не сметајќи 10-20 милиони евра за земјиште, пристапен пат и трафо станица. Реално Грците би зеле кредит само за 123-50=73 милиони евра, што при годишна добивка од 40,5 милиони евра би го отплатиле за само 1 година и 10 месеци!
Од тој момент понатаму, наредните 28 години Митилинеос би остварувал чист профит, ослободен од даноци во првите 10 години, од дури 28*41,5=1.162 милиони денешни евра, односно идни 2,3 милијарди евра. Сето тоа без никаков ризик (бидејќи ризикот го носиме ние), па дури и без почетно учество за кредитот, што ние ќе им го уплатиме во форма на помош. Значи, се работи за чист и безризичен профит за Грците без никаква инвестиција.
Сето тоа ќе го платат граѓаните.
Кога ќе се подвлече цртата, произлегува дека македонската влада на грчката компанија преку овој штетен договор на грчката Митилинеос не само што ќе и ја купи централата (најпрво преку учеството за кредитот, а потоа преку отплатата), туку ќе и овозможи преку 2 милијарди идни евра профит, не сметајќи ги 50-те милиони фрлени евра. Разликата е во тоа што наместо ние да ја поседуваме електраната, ќе ја поседуваат Грците, благодарение на нашите штетници што сакаат тоа да им го овозможат.
Доколку Македонија самата инвестира 123 милиони евра во електраната, после отплатата во првите 3 години во наредните децении би имала годишна стапка на поврат на инвестицијата ROI=40,5/123=32,9%, а најважно е што електраната ќе биде наша. Се разбира, доколку државата се задоволи со помал принос, тогаш и електричната енергија за граѓаните би била поевтина отколку од Митилинеос. Грѓаните треба веднаш да сфатат една важна работа: цената на електричната енергија од гасот ќе биде најмалку двојно поскапа отколку сега, кога ја добиваме од јаглен.
Инаку, дури цената за изградба да биде поголема од 123 милиони евра (на пример 160 милиони евра), тоа само ќе го пролонгира времето на отплата од 3 на 4 години, а годишниот принос на инвестицијата по отплатата ќе остане ист. Како е можно времето на отплата да биде толку кратко, а приносот толку висок? Одговорот лежи во максималното искористување на енергијата од горивото (отпадната топлина се искористува), но и во високата профитна маржа што е пресметана во цената на електричната енергија и високата цена на топлинската енергија.
Заклучок: слично како за ПАХЕ „Чебрен“, Јавното обвинителство треба итно, по службена должност да започне гонење по чл. 247 и 363 од КЗ за кривични дела во обид, а судот итно да донесе времена мерка – стопирање на потпишување на Договорот. Од своја страна, пратениците во парламентот на седницата закажана за среда, 7.2.2024 да НЕ ГЛАСААТ за предложениот штетен договор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.