Функционалноста на системите постепено ќе се враќа, извести попладнево Фондот за здравствено осигурување. Поради сајбер- напад девет дена недостапни беа лични податоци на здравствените осигуреници, а Фондот прво кажа дека се работи за технички пропуст во еден од серверите, а по три дена призна дека базата на податоци е цел на сајбер- напад.

Приоритет е враќањето на функционалноста за исплатите на платите на здравствените работници во јавните здравствени установи, како и враќање на системите на исплата на боледувањата, породилното и рефундациите, информира ФЗОРСМ.

Фондот за здравствено осигурување (ФЗОРСМ) соопшти дека во претстојните денови постепено ќе се враќаат во функција системите кои неодамна беа хакирани и дека процесот одзема дополнително време, но техничките тимови работат постојано.

Eкспертските технички тимови на Фондот утврдиле дека при сајбер-нападот нема излевање на податоци надвор од базите на Фондот.

Фондот денеска испрати и известување до сите јавни и приватни здравствени установи со детални упатства за проверка на осигурениците преку Мој термин, со што ниеден осигуреник не смее да биде вратен од правото на здравствена заштита.

Во известувањето нагласува дека не е загрозено правото на здравствена заштита на граѓаните и непречено се одвиваат лекувањата, упатите за прегледите и боледувањата, издавањето рецепти од матичните лекари и издавањето лекови, така што овие здравствени услуги граѓаните може да ги користат без застој. Исто така, усогласени се и решенија за остварување на правото на ортопедски помагала.

Подрачните служби на Фондот во континуитет ги примаат барањата. Покрај ова, подрачните служби се достапни и телефонски преку јавно објавени линии за информации за осигурениците, на кои тие може да се обратат и да добијат информации во врска со сите решенија кои се усогласени со матичните лекари, а преку кои осигурениците можат да ја остварат здравствената заштита, се наведува во соопштението на ФЗОРСМ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.