Според дополнителниот заменик министер за внатрешни работи од техничката влада Митко Бојмацалиев од СДСМ – принципот на работата на пунктот за сликање во пунктот „Пролет“ со „прв дојден, прв услужен“ – функционираше.

Знаете дека од октомври, ноември го отворивме пунктот „Пролет“ којшто функционираше без телефонско закажување на принципот „прв дојден, прв услужен“. Го отворивме тој пункт бидејќи во месеците јули, август и септември имавме појава каде што луѓето закажуваат а не се појавуваат на закажаните термини. Дали било организирано или политички мотивирано, не може да се докаже. Тогаш раководството на МВР, јас бев шеф на кабинет, министерот Спасовски, одлучи дека треба да отвориме еден пункт за Скопје бидејќи остатокот од државата се над 99% веќе со извадени документи, се отвори пунктот „Пролет“ со модел „прв дојден, прв услужен“. Со доаѓањето на новиот министер, тој одлучи дека тоа е ужасно решение, го укина и ги врати повторно телефонските закажувања за денес граѓаните по седум осум дена вртат и не можат да добијат за да закажат термин. Јас тогаш а и сега јавно кажувам дека бев против укинување на принципот „прв дојден, прв услужен“ бидејќи сепак ја движеше работата а сега имаме застој. Најголемите гужви беа кога првично дојдоа над 170.000 граѓани наеднаш кога сфатија дека одредени политичари ги лажат со тоа „Никогаш Северна“ и реално дојдоа да ги сменат своите документи. Тогаш се створи ден-два гужва во прием на документи кои ги издававме во законски предвидениот рок, донесовме и одлука дека ќе се носат на домашна адреса. И како што информирав пред некој ден 95% од тие документи веќе се однесени на домашна адреса, луѓето се најдени и ги примиле своите документи. Повелете да проверите во МТВ на пунктот за издавање лични документи дека нема никаква гужва, рече Бојмацалиев за ТВ21.

Брзата помош интервенира откако на човек му се слоши по долго чекање пред пунктот (фото: Плусинфо)

На прашање како оди сега процесот на закажувње Бојмацалиев вели дека граѓаните во моментот се жалат дека кол-центарот не функционира и дека секојдневно има барања пак да се врати пунктот во „Пролет“ со функционирање „прв дојден, прв услужен“.

Стојам на ставот дека вака не функционира и дека треба да се врати „Пролет“ во режим на работа „прв дојден, прв услужен“, бидејќи граѓаните тоа го бараат. Јас само ги пренесувам реакциите на граѓаните. Call центарот не функционира бидејќи има преголем број телефонски јавувања и граѓаните чекаат по седум, осум дека да добијат на телефон, наспроти тоа што го кажувате дека чекале по седум, осум часа, вели Бојмацалиев.

За потсетување, пред пунктот во „Пролеп“ граѓани чекаа и по неколку дена, почнувајќи ги редиците уште од 5 часот наутро, на студ, магла и загаден воздух, за на крај сепак да не успеат да стигнат до сликање, зошто внатре поради недостаток за кадар работеа само една четвртина од местата за сликање, а луѓе со врски влегуваа од задната страна.

Оние што на крај успеаја да се сликаат во фамозниот пункт во текот на декември и јануари, денес сè уште немаат документи, поради недостатокот на обрасци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.