Благодарение на централната власт и МВР предводено од Оливер Спасовски, Прилеп е претворен во град на мафијата, насилството и безредието, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ, откако неполни 24 часа од палењето на автомобилот на пратеникот Петар Ристески, беше опожарен уште еден автомобил.

Криминалниот хаос во Прилеп продолжува! Не помина ниту еден ден од палењето на автомобилот на пратеникот Петар Ристески, за прилепчани повторно да посведочат за ново опожарување на автомобил. Ова е петто опожарување на автомобил во само еден месец, нешто кое не е запаметено во минатото!
Очигледно присуството на полициските службеници од Скопје и припадниците на неколкуте полициски единици во текот на вчерашниот ден, не ги одврати сторителите од своите најлоши намери. Тоа е уште еден доказ дека криминалот е навлезен толку длабоко, во секоја општествена пора, што за негово искоренување е потребна сериозна и макотрпна работа.
Прилеп благодарение на централната власт и МВР предводено од Оливер Спасовски, е претворен во град на мафијата, насилството и безредието. Што ли уште треба да се случи во нашиот град, за Оливер Спасовски да покаже лидерски способности и да се охрабри да постави вистински луѓе на вистинско место кои успешно ќе се носат со предизвиците?
Полицијата и обвинителството мора да бидат вистински сервис на граѓаните кои ќе реагираат брзо, навремено и со сите свои механизми ќе ја штитат безбедноста и сигурноста. За жал, нивните заложби во овој момент се покажуваат како неуспешни.
Затоа е потребна итна смена на централната власт и поставување луѓе со искуство и знаење на позиции, кои ќе помогнат во надминување на оваа хаотична состојба во која е доведен нашиот град. Борбата со криминалот мора да биде бескомпромисна, без исклучоци!, велат од ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.