Во новиот циклус на „Проектот за размена на суперучилишта за Западен Балкан“, вклучени се петнаесет средни училишта од Македонија заедно со нивните партнерски училишта од регионот.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска на настанот каде беа претставени наградените проекти за оваа учебна година, изјави дека создавањето силни врски меѓу средните училишта во регионот ја промовира благородната идеја за заедништво меѓу младите, ги поттикнува да ги рушат предрасудите, заменувајќи ги со доверба и градење партнерство со различните од себе.

Не сум сигурна дека светот што ние возрасните им го нудиме за живот на децата и младите е доволно исполнет со доверба, пријателство, единство и еднаквост. Но, затоа пак, овие 15 проекти јасно покажуваат дека младите знаат да се поврзуваат и покрај различностите, а од предизвиците умеат да создаваат можности за соработка, рече Јаневска.

Шемата за размена на суперучилишта е кофинансирана од Европската Унија и Германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој, а е имплементирана од Регионалната канцеларија за младинска соработка „Рајко“ (RYCO).

Министерката Јаневска укажа дека оваа програма за училишна размена помага во
градењето толеранција, емпатија, дијалог, соработка, ненасилство и инклузивност кај младите и затоа дружењето на средношколци од различни држави не е само споделување на размислувања, желби и стравувања, туку е и основа за градење помирна и постабилна иднина на овие простори.

Средните училишта со прифатени проекти за соработка со партнерски училишта од регионот се: АСУЦ „Боро Петрушевски” од Скопје, ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски” од Охрид, СОУ „Јосиф Јосифовски” од Гевгелија, СОУ „Коста Сусинов” од Радовиш, ДСУ РЦСОО „Ванчо Питошески” од Охрид, СМУГС „Др. Панче Караѓозов” од Скопје, СОУ „Методи Митевски – Брицо” од Делчево, Училишен Центар за Едукација и Рехабилитација „Партенија Зографски” од Скопје, „Аmerican High School” од Скопје, СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ од Кавадарци, СОУ „Јане Сандански” од Штип, СГГУГС „Здравко Цветковски” од Скопје, Државно Средно Училиште – Регионален центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ” од Куманово, Државно музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец” од Тетово и ОСЕУ „8-ми Септември“ од Тетово.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.