Делегација на Општина Битола, предводена од градоначалникот Тони Коњановски, придружуван од претставници на Советот на општината, како и претставници на политичките партии, Ансамблот за фолклор „Гоце Делчев“, основното училиште „Гоце Делчев“ и други граѓани, со полагање цвеќе пред Спомен куќата на великанот на македонската национална борба Гоце Делчев, ја одбележаа годишнината од неговата смрт.

Денешниот ден е потсетување и оддавање почит на големото дело и заложба на столбот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев, истакна градоначалникот Тони Коњановски.

Денешниот ден е оддавање почит кон македонскиот национален херој, апостол и срцето на револуционерна Македонија, идеолог, организатор и водич, високо свесен, пред своето време, вистински алтруист, космополит кој го разбирал светот единствено како поле за културен натпревар на народите. Одбележувајќи 120 години од смртта на Гоце Делчев, истовремено одбележуваме и 120 години од големото наследство кое ни го остави оваа импозантна личност, која со гордост и пиетет ја славиме. Неговиот лик и дело не потсетуваат и ни помагаат да се издигнеме од сите премрежја и предизвици и да останеме достојни за неговата идеја и жртва, а како негови горди потомци, да продолжиме да ја чуваме и негуваме искрата на национална одржливост, посочи Коњановски.

Одбележувањето на 120 годишнината од смртта на Гоце Делчев, во Битола, продолжува вечер со културно уметничката програма „Баница 1903 – Стратегот на македонскиот универзум“ од Зоран Пејковски и проекција на документарниот филм „Македонија во слики“ на Арсениј Јовков, кои ќе се одржат во битолскиот Офицерски дом.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.