Министерството за образование и наука известува за повик за стипендии за додипломски, магистерски, интегрирани магистерски студии и докторски студии на државните универзитети во Унгарија за академската 2025/2026 година.
Како што објави МОН, Програмата Стипендиум Хунгарикум (Stpendium Hungaricum) за академската 2025/2026 година за кандидати од Република Македонија доделува вкупно 20 стипендии.
Седум се за целосни додипломски студии, во областите: земјоделски науки, општествени, економски, технички, природни науки, политички науки и јавно управување; седум стипендии се за целосни магистерски студии за истите области, две стипендии се за интегрирани магистерски студии (one-tier master – OTM) во областа на медицински и здравствени науки, четири стипендии за целосни докторски студии во која било област, како и делумни студии за сите нивоа и области на студии од наведените.
-Доколку студиите се изведуваат на некој странски јазик, потребно е кандидатите да го познаваат тој јазик на ниво кое го бара институцијата домаќин (универзитетот). Доколку студиите се изведуваат на унгарски јазик, прифатените студенти за време на првата година на студии треба задолжително да посетуваат курс за унгарски јазик, кој го нуди универзитетот каде што ќе студираат и мора да го положат испитот на крајот на вториот семестар, се наведува во повикот.
Информации за начинот, критериумите и потребните документи за аплицирање, како и листата на студиски програми на државните унгарски универзитети и текстот на повикот за аплицирање (Call for application 2025-2026) се достапни на веб-страницата: https://stipendiumhungaricum.hu/ а е-адресата за контакт е: stipendiumhugaricum@tpf.hu Аплицирањето е само по електронски пат веб-страницата https://apply.stipendiumhungaricum.hu/
Во повикот што го објави МОН се наведени критериумите и е објаснет начинот на аплицирање. Рокот е 15 јануари 2025.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.