Претседателката на Судски совет, Павлина Црвенковска поднесе оставка поради како што вели медиумската хајка со пласирање на лажни информации.

Оставката ја поднесе пред почетокот на денешната 421 седница на Советот.

Ја известувам јавноста дека поднесувам оставка од позицијата претседател на Судскиот совет на РМ. Веднаш по мојот избор на функцијата започна медиумска хајка со крајна цел да дадам оставка затоа што мојот избор за претседател не одговараше на група од судската – бизнис елита. До ден денешен хајката не престана преку пласирање лажни информации до новинари, а во континуитет се опструираа и намерно се одолговлекуваа внатрешните процеси во Советот, кои се од клучно значење за успешно завршени задачи и за функционирањето на судството, наведува таа во оставката.

Како што наведува Црвенковска, станало жално што, како што вели, „наместо да се посветиме заеднички на активностите и реформите и да ја унапредиме состојбата во судството, некому стана поважно како да ме нападне и како да им наштети на проектите“.

Последен пример со лажно брифирање на новинарите беше околу тоа дека е моја незаконската одлука за избор на член во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, иако јас ниту го предложив, ниту го гласав членот на Судскиот совет, Зоран Герасимоски. Се надевам дека идниот претседател ќе биде подобен за оваа судско – бизнис елита. Благодарна сум на оние колеги кои покажуваа почит и ме подржуваа во намерите нешто да промениме, но сепак Советот како колективно тело одлучува по која патека ќе се движи судството, наведува Црвенковска во оставката.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.