Карактеристично за Балканот е дека постојат многу јазици, многу дијалекти, и тие на некој начин се испреплетуваат еден со друг бидејќи се во постојан допир и контакт. Историски јазиците и дијалектите на Балканот не се во контакт и допир само денес, туку историски доста долго време се испреплетуваат. Значи придонесите за истражување за балканските јазици биле многу рани, дури од средниот век што продолжило до ден денешен, истакна проф. д-р. Агим Пољоска, катедра за албански јазик и книжевност, Филолошки факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје на денешната трибина организирана од Централната комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ во Гостивар по повод 21 февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик насловена како „Мајчиниот јазик е идентитет“.

Пољоска додаде дека нема област која не е покриена со јазикот било тоа да е политиката, администрација, економија, култура. Фактички со говорот, со комуникацијата се покриваат сите области во секојдневното живеење на човекот. Јазикот е многу битен елемент во човештвото и со него се комуницира, се создаваат разно разни односи, релации. Значи целиот свет комуницира со разно разни јазици и затоа во Брисел е формиран Центар за европски јазици каде што се вклучени сите европски јазици. Не постои голем или слаб јазик, богат или сиромашен јазик. Сите јазици се богати и интересни на свој начин.

Но, од друга страна би рекол дека немаме чист јазик. Најдете ми! Дали има некој чист и богат јазик? Значи секој јазик има позајмување, има влијанија. Па, ќе речеме од една страна може да има и слабости кога користиме позајмени зборови, бидејќи се странски, но тоа сепак се случува во лингвизмот. Знаеме дека во Гостивар Албанците користат многу славјански зборови, македонски, српски, па и турски. И во другите јазици се користат и албански зборови. Можеби тие зборови се малку во број, но сепак се користат и тоа го забележале албанолози – појасни Пољоска.

Пољоска посочи јазиците на Балканот го зголемиле интересот многу познати странски лингвисти да ги изучуваат. Има доста голема и широка плејада на лингвисти кои имале интерес да ги изучуваат балканските јазици.

Историски се знае дека албанскиот јазик е балкански јазик, и е од европска фамилија, како што е македонскиот јазик. А, македонскиот јазик влегува во југоисточните словенски јазици. Колегата Марковиќ многу убаво спомна дека македонскиот јазик ги има корените во старословенскиот јазик со солунскиот округ – рече Пољоска.

Пољоска укажа дека академикот Божидар Видоевски ги истражувал македонските говори, дијалектите во граничните области југозападни кои што имале контакти со албанскиот јазик, со говорот на Тетово, Гостивар, Струга, Дебар. Значи албанскиот јазик позајмувал од словенските јазици, дијалектите, кои што не биле подигнати до стандард, туку до дијалектски варијанти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.