Поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров вечерва во Само вистина на Канал 5 ја спореди политиката на Бугарија кон Македонија со онаа на рускиот претседател Владимир Путин кон Украина.

Како што Русија го спори идентитетот на Украинците и бара права за своето малцинство, истото го прави и Бугарија. Димитров вели дека ние не го спориме бугарскиот јазик, туку Бугарија го спори македонскиот јазик и го нарекува дијалект на бугарскиот.

Димитров тврди дека имало мал напредок, но потоа како што рече „Бугарија ја преврте масата“. Екс министерот вели дека треба да се посветиме на другите прашања во државата.

Димитров изјави дека со вакви пријатели, не ни требаат непријатели. Не се сложува дека маргиналци во Бугарија го негираат македонскиот јазик, туку тоа го прави бугарската држава.

Поранешниот министер за надворешни работи рече дека зборуваме за европска иднина, но во реалноста сме далеку од тие принципи.

„Не е тоа магично стапче, нема Европејците и Американците да дојдат да ни го исчистат дворот, ние треба да го исчистиме дворот“, рече Димитров.

За Договорот од Преспа кажа дека бил тежок компромис, но тоа смирува, а со Бугарија имаме сериозни проблеми.

„Различните гледања да ги оставиме на науката и на експертите, а во политиката да гледаме што ни е заеднички интерес. Тие тој процес со срушија. Ние изградивме пруга со Бугарија за напред, ама тие решија да ги фрлат шините“, кажа Димитров.

За Бугарија, рече дека и без Договорот за пријателство може да ја блокира Македонија.  Вели дека сега имаме отворен проблем со Бугарија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.