По бурните реакции на јавноста, управниот одбор на М-НАВ попушти. Осумте кандидати кои беа избрани за обука во Данска денеска добија потпис од тројцата директори.

Управниот Одбор на М-НАВ ја разгледа целокупната документација и донесе Одлука за потврда и прифаќање на изборот предложен од комисијата за избор и селекција на кандидати и даде насоки за вработување на кандидатите на определено време и нивно упатување на школување. Едновремено го задолжи претседателот на комисијата да го извести економскиот оператор за одлуката и да побара известување за датум за почеток на обуката, велат од компанијата.

Од синдикатот, пак, изразија сомнеж.

Додека не добијам нешто званично, да ја видам одлуката потпишана не би сакал да го тврдам како такво, бидејќи имам искуство со секакви директори и не им верувам многу без да ги видам документите – вели  Александар Тасевски од синдикатот на контролори на летање.

Рокот во кој кандидатите требаше да заминат во Данска истече минатата недела, па сега има неизвесност кога ќе ја почнат обуката. Термините во тренинг-центарот се веќе зафатени и можно е обучувањето да се одложи и до половина година.

И додека се чека комплетирање на процесот, расте бројот на условени оставки во М-НАВ. Откако вчера 12 вработени во компанијата меѓу кои заменици директори, началници, инструктори и раководители побараа прераспределба доколку пропадне огласот за контролори на летање, денеска таа бројка порасна на 30. Од синдикатот тврдат дека оваа листа ќе се зголемува.

Дури и да се реализира овој конкурс и директорите да ја потпишат таа одлука, ние таа листа ќе ја оставиме, сепак да им ги собереме потписите и ќе им ја закачиме на огласна табла да им биде потсетник секојпат кога ќе се обидат да излезат надвор од професионализмот и квалитетот  – вели Тасевски.

Скандалот веќе три дена ја бранува јавноста, откако синдикатот обзнани дека огласот за контролори на летање ќе пропадне бидејќи меѓу осумте избраници нема блиски до управниот одбор и членови на ДУИ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.