Променети се пописните резултати за религиската припадност. Новата табела за верската определба на населението во земјава не е иста како таа објавена дента кога беа соопштени резултатите. Највпечатлива е промената на бројот на атеисти. Од првичната бројка на 355 лица кои се изјасниле како атеисти, сега бројката е 8764.

Графата Евангелско-протестантски христијани која броеше исто толку попишани 8764 лица сега ја нема. Во новата табела се избришани, или не се прикажани лицата чија верска опрделба е помала од 500, па така ја нема ниту графата за Евреи. Се забележува и преполување на новиот графикон.

Комисијата за верски заедници реагира дека она што го сподели Статистика како резултати од пописот не даваат точна слика за религиската определеност на граѓаните. Иако во делот на православните христијани на терен не дошло до реално намалување на процентуалната застапеност, сепак стои нејасниот формален впечаток за верската карта поради посебната графа „Христијани“ и деноминациите.

-Јас имам полно разбирање за реакциите на јавноста кои се во делот на религиската определеност. Ваквите резултати не ја покажуваат точната верска слика. Првиот дел е во категоријата на Христијани – религиска определеност, и вториот оној процент од 7.2 административно заведени, без детални информации, вели првиот човек на Комисијата за верски заедници Даријан Сотировски.

По низата сериозни забелешки на скоро сите основи во пописот, сменетите податоци во електронската верзија, непризнавањето на резултатите од статистичката операција, Статистика треба да даде одговор зошто и покрај тврдењата дека со вкрстувањето на 12 бази на податоци нема простор за грешка се дозволени вакви работи или станува збор за нешто друго?

По објавувањето на резултатите од пописот реакција имаше и од академик Катица Ќулавкова. Таа напиша дека не го признава овој лажиран попис, побара јавно објавување на резултатите од непризнаениот попис од 2011 година и да се направи споредба.

-Оваа фарса од попис на населението во режија на парадржавата Македонија е политички, национален, законски и морален криминал без преседан во европската историја. Овој попис е уште еден показател дека се наоѓаме во завршна, терминална фаза од одумирањето на македонската национална држава и делегитимацијата на македонската нација. Ова е хаотичен, трагикомичен, противзаконски чин. Онеправдани се Македонците како народ, но и македонските Турци, Срби, Бошњаци, Власи, Роми… напиша на ФБ академик Ќулавкова.

Власта пак смета дека е направен успешен попис после 20 години според европски стандарди.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.