Министерката за одбрана Славјанка Петровска, во придружба на началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски, ја посети Командата за операции на Армијата на Република Македонија во кумановската касарна „Боро Менков“ и припадниците на Логистичката база, Баталјонот за специјални сили и Ренџерскиот баталјон во касарната „Илинден“ во Скопје.
На средбите Петровска порача дека Армијата многупати го покажа своето место во општеството, пристигнувајќи прва во помош на граѓаните секогаш кога е потребно.
Граѓаните најголема доверба имаат во вас, во целата Армија и тоа е повеќе од заслужено. Нашиот приоритет е онака како што вие се грижите за државата, така и државата да се грижи за вас, да ви овозможиме да имате одлични услови за работа, да работите со најсовремена опрема и да имате можност да вежбате и да се обучувате континуирано – изјави Петровска во Командата за операции.
Како што информираат од МО, Петровска порача дека буџетирањето на одбраната кое е основа на развојот е стабилно и во постојан раст. Годинава одбранбениот буџет е во висина од 1,77 проценти од бруто-домашниот производ, а Министерството и Владата остануваат цврсто на ставот дека планот за одвојување на 2 проценти од БДП до 2024 година за одбраната, ќе се реализира.
Овие средства ги користиме умно и домаќински. Парите на граѓаните се користат за набавка на софистицирана опрема и за зголемување на капацитетите на нашата Армија да одговори на секоја потреба на граѓаните и на државата. Повеќе средства за одбраната значи подобра Армија и помотивирани припадници – истакна Петровска.
Командантот на Командата за операции, бригадниот генерал Бесник Емини ја информираше министерката за активностите и надлежностите на Командата и за плановите за развој на нејзините цели и способности.
Во касарната „Илинден“ во Скопје, министерката беше брифирана за активностите на Логистичката база, баталјонот за специјални сили и Ренџерскиот баталјон. Припадниците на овој баталјон пред министерката Петровска изведоа показна вежба на алпинистичката кула, додека армиските специјалци прикажаа дел од своите способности во боречки вештини.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.