Министерката за одбрана, Славјанка Петровска имаше средба со францускиот амбасадор во Македонија, Сирил Бомгартнер. Заклучокот од средбата е дека и двете држави имаат блиска и плодна соработка во одбраната, а на оваа соработка и претстојат и нови и интересни перспективи во иднина зашто и двете земји се исклучително посветени на тоа.
Од Министерството велат дека Петровска говорела за заедничката безбедносна и одбранбена политика на Унијата, при што посочила дека Македонија дава свој придонес во оваа сфера. Имајќи предвид дека Франција е претседавач со Европската Унија првата половина од годинава, министерката ја истакнала потребата за брз почеток на преговорите за членство во Унијата.
Македонија направи исклучително голем прогрес и потребно е Унијата да го направи следниот чекор кој ќе биде силна мотивација за уште поголем развој. Земјава ги почитува и поддржува европските политики и нашето место е во Европската Унија. Последните неколку години направивме многу, реформите се видливи и затоа заслужуваме да го почнеме пристапниот процес – истакнала Петровска.
Бомгартнер порачал дека Франција целосно ја поддржува Македонија на патот кон Унијата и оти пристапните преговори треба да почнат што е можно поскоро.
Од МО велат дека соработката помеѓу двете земји и двете армии може да се види и преку заедничките обуки и заедничкото учество во воени вежби. На претстојната најголема воена вежба досега организирана во земјава „Swift Response 22“ ќе учествуваат и француски војници.
Двете држави активно соработуваат и во доменот на јазичната обука и школувањето на припадници на Армијата на Република Македонија на највисоките воени школи во Франција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.