Министерката за одбрана во заминување Славјанка Петровска,која пред неколку дена најави дека ќе се кандидира за претседателка на СДСМ, во изјава за Телма рече дека ако не биде избрана за претседател, нема да извршува друга партиска функција.

Изјавата на Петровска доаѓа откако Јован Деспотовски, уште еден кандидат за челното место во СДСМ, во објава на својот фејсбук-профил побара секој учесник на внатрешните избори за претседател на партијата да се обврзе дека нема да прифаќа ниедна друга функција, ниту на централно, ниту на локално ниво, ако не биде избран. Деспотовски додаде дека според него ова правило ќе овозможи фер игра, како и дека овој предлог го доставил до партиската централна изборна комисија.

„Ги повикуваме сите претседателски кандидати да ја покажат својата посветеност на фер игра и интегритет со потпишување на оваа изјава. Преземајќи го ова ветување, кандидатите ќе покажат дека им даваат приоритет на она што е во интерес на луѓето, на нашите членови и државата пред личната корист, поставувајќи моќен пример за етичко лидерство“, напиша Деспотовски.

Петровска нареднава недела и официјално ќе ја поднесе кандидатурата за претседател на СДСМ, согласно партискиот Статут. Но, таа побара, освен обврската за поразените на внатрепартиските избори да не влегуваат во партиските тела, да се воведе и обврска никој да не може по третпат да се кандидира, како и задолжение дека ако некој кандидат или избраниот претседател се соочи со кривична одговорност, да се повлече од функцијата.

„Доколку не бидам избрана, нема да прифатам или да извршувам каква било функција во партиските тела и во претседателството. За предложената изјава лично не сум против и ќе ја потпишам. Но, прво ќе предложам дополнување дека доколку некој кандидат не биде избран, нема да се кандидира по третпат за партиски претсeдател. Во изјавата треба да стои и дека доколку за кој било кандидат или веќе избран партиски претседател има или се отвори кривична постапка пред институциите, тој или таа ќе си даде оставка за да не ја компромитира партијата. Предлозите од партиските другарки и другарки треба да се разменуваат во партиска комуникација, а не преку медиуми“, вели Петровска за Телма.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.