Одлуката на Одборот за подготовка на петтиот конгрес на Новата социјалдемократска партија (НСДП) на вчерашната седница од која до медиумите беше испратена информација дека единствен кандидат за претседател кој се очекува да биде избран на партискиот конгрес на 4 јуни е Горан Мисовски, е надвор од Статутот и е донесена во мое отсуство, откако јас ја затворив седницата и заминав, вели Тито Петковски за Нова, лидерот на НСДП, кој 17 години ја водеше партијата и неодамна на Централниот одбор најави дека се повлекува од претседателската функција по што почна постапка за избор на нов претседател.
Тој вели дека за лидерската позиција на НСДП од општинските организации пристигнале предлози за десет кандидати и дека на синоќешната седница на одборот за подготовка на конгресот не било договорено Мисовски да биде единствен кандидат. Напротив, расправата требало да продолжи на Централниот одбор, кој е највисок партиски орган и кој треба да одржи седница в сабота.
На седницата на Одборот за подготовка на петтиот конгрес, според Статутот, ние имаме обврска само да предлагаме, но не и да утврдуваме кандидати. Тоа што како информација е испратено од седницата дека Горан Мисовски е единствен кандидат не се случи додека јас бев на седницата. Со оглед на тоа што се разви дебата, се договоривме таа да продолжи во сабота на седницата на Централниот одбор. Изненаден сум од оваа постапка на моите партиски соработници, изјави Петковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.