Бугарскиот премиер Кирил Петков ќе ја предводи бугарската делегација во Рим на 24 мај, каде се очекува да биде примен од поглаварот на Римокатоличката црква папата Франциско.

Аудиенцијата кај папата Франциско, како што објавија бугарските медиуми, е планирана за 23 мај, по што Петков веднаш ќе се врати во Бугарија.

Оваа година делегацијата требала да биде предводена од претседателот на Парламентот Никола Минчев но тој го отстапил својот ред на Петков, кој сакал на Денот на Светите браќа Кирил и Методиј да демонстира единство со премиерот на Македонија Димитар Ковачевски и тоа да послужи како знак за симнување на ветото на Скопје.

Идејата на Петков била на 24 на аудиенцијата кај папата со Ковачевски заедно да добијат благослов од папата.

Како што објави ТВ21 пред неколку дена, од Кабинетот на Претседателот Стево Пендаровски за ТВ21 информира дека оваа година претседателот нема да патува во Рим.

„Претседателот нема да патува во Рим. Согласно ротациите на државниот врв, која е повеќегодишна пракса, оваа година државната делегација во Ватикан за чествување на сесловенските просветители, светите браќа Св. Кирил и Методиј, ја предводи премиерот Димитар Ковачевски“, велат од Кабинетот на Пендаровски за ТВ21.

Минатата година преседателот Стево Пендаровски и неговиот бугарски колега Румен Радев заедно патуваа во Ватикан.

Во 2018 година и тогашните премиери на Бугарија и на Македонија Бојко Борисов и Зоран Заев заедно го чествуваа делото на Свети Кирил и Методиј. Тие ја посетија црквата „Санта Марија Маџоре“ и базиликата „Сан Клементе“, каде за првпат бугарски и македонски премиери заедно оддадоа почит пред гробот на Свети Кирил.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.