Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на научниот собир на тема „80 години од холокаустот на македонските Евреи“, што во организација на Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при Македонската Академија на Науките и Уметностите, во соработка со Филозофското друштво на Македонија, Еврејската Заедница на Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, се одржа под негово покровителство во МАНУ.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.
Чест ми е да ве поздравам, како покровител на овој научен собир посветен на 80 годишнината од Холокаустот на македонските Евреи. Она што ја прави оваа конференција значајна е што се одржува во околности, во кои, за жал, последниве години, порастот на антисемитизмот во светот, посебно во Европа е евидентен.
Според рабинот Џонатан Сакс, антисемитизмот не е кохерентен систем на верување, туку вирус што мутира и се јавува во кризни периоди кога имуниот систем на општеството е опаднат. Појавата на антисемитизмот е вид на рано предупредување за секоја заедница. Иако започнува како омраза насочена кон Евреите, антисемитизмот никогаш не завршува само со Евреите, затоа што бргу се свртува и против другите различни и ранливи категории на луѓе.
За да не се шири, антисемитизмот мора да се превенира. Тоа се прави со спротивставување на историскиот ревизионизам и чување на историската вистина за Холокаустот, преку едуцирање на младите и подигнување на свеста на јавноста. Но, истовремено, и со санкционирање на секој обид за негирање, минимизирање, одобрување или оправдување на холокаустот и делата извршени од национал-социјалистичките режими како што направивме ние со последните новелирања на Кривичниот Законик со кои го санкциониравме антисемитизмот.
Меѓутоа, треба да имаме предвид дека, иако резултирал со ужасни погроми, сам по себе, антисемитизмот не можел да доведе до милионските жртви на Холокаустот.
Постојат два интригантни случаи на двајца нобеловци чија alma mater биле Универзитетите во Вроцлав и во Хајделберг. Првиот е хемичарот Фриц Хабер, таткото на хемиското војување чии пронајдоци биле користени за развивање на вид на отровен гас со кој биле убиени повеќе од еден милион Евреи. Вториот е физичарот Филип Ленард, кој, меѓу другото, се залагал за таканаречена “ариевска наука“, наука исчистена од придонесот на научниците Евреи. Тој ја отфрлал ајнштајновата теорија на релативитетот само поради еврејското потекло на нејзиниот автор.
Примерите на Хабер и Ленард зборуваат дека, прво, научните и технолошките достигнувања се вредносно неутрални. И, второ, ако не е втемелено врз цврста етичка и морална база, дури и врвното образование не е имуно на злото. Холокаустот бил испланиран и спроведен во ерата на епохални научни и технолошки достигнувања, во најразвиениот дел на Европа, од страна на до тогаш најобразованата генерација. Како што вели големиот австриски психијатар и човек кој го преживеал холакаусот, Виктор Франкл: „гасните комори на Аушвиц, Треблинка и Маиданек, во конечна смисла на зборот, не биле смислени во некое министерство во Берлин, туку на катедрите и во аулите на нихилистичките научници и филозофи.“
Меѓу 6-те милиони Евреи кои беа брутално убиени за време на Холокаустот, беа и 7.144 македонски Евреи кои претставуваа 98% од вкупната еврејска популација во тогашна окупирана Македонија. Целта на нацистите и на нивните фашистички сојузници не била само да се уништат Евреите, туку и да се избрише споменот за нивното постоење. За да не дозволиме жртвите да бидат и по втор пат убиени, ние мора да го зачуваме сеќавањето за нив.
Годинава се навршуваат и 70 години од основањето на меморијалниот центар „Јад Вашем“, што во превод значи „место и име“. Централниот дел на „Јад Вашем“ е Салата на имињата, каде што се сместени „Листовите на сведоштвата“, односно, регистерот на околу 4.8 милиони жртви на Холокаустот. Нивните основни податоци се запишани и во импозантната инсталација – „Книгата на меморија“ што има за цел да се сочуваат од заборав жртвите на Холокаустот. Меѓу нив се запишани и дел од македонските Евреи.
Нашите институции се должни да ги спроведат во целост обврските што како држава ги преземавме на меѓународниот форум за Холокаустот, оддржан во октомври 2021 во Малме. Македонија треба да го поддржи Меморијалниот центар на Холокаустот на македонските Евреи и секој истражувачки проект во напорите да се зачува споменот за нашите сограѓани Евреи кои беа убиени во логорот на смртта Треблинка. Но, освен спомените за жртвите, ние треба да се грижиме и за спомените на преживеаните и на оние кои помогнале да се спасат Евреи.
Дозволете да ви дадам еден пример. Во штипскиот архив е депониран документ датиран со 10 март 1980 година со наслов: „Сеќавањата на Исак Сион за учеството во народноослободителната војна во Штип и штипско од 1941 до 1945 година.“ Во својот запис, Исак Сион, меѓу другото, дава детално сведоштво за депортацијата на штипските Евреи од страна на бугарските окупаторски власти. Тој и самиот бил дел од колоната Евреи кои во помали групи биле спроведувани од градскиот плоштад до железничката станица. Но, во последен момент, успеал да се извлече од колоната и да се засолни во домот на неговиот другар и иден соборец во НОБ, Турчинот Фируз Назим Демир.
Освен свртилиште на напредната штипска младина, домот на Фируз станал и засолниште за еден од ретките преживеани штипски Евреи кој подоцна ќе биде и делегат на државотворниот АСНОМ. Внимателното исчитување на сведоштвата покажуваат дека Фируз спасил Евреин, а за тоа ниту барал, ниту добил материјална накнада. Затоа е дадена иницијатива за отпочнување на постапка во „Јад Вашем“ за постхумно прогласување на Фируз Назим Демир за праведник меѓу народите.
Иако со денешниов научен собир се заокружува одбележувањето на 80-годишнината од холокаустот на македонските Евреи, нашата работа допрва почнува. Уверен сум дека случајот со Фируз Демир не е единствен и дека во тогашна окупирана Македонија имало многу слични случаи на добронамерници кои спасиле Евреи, но, поради низа околности не биле вброени меѓу праведниците.
Ова нека биде поттик за истражувачите да ги пребараат нашите, но, и странските архиви за да можеме да го дополниме списокот на луѓето кои со својата хуманост и храброст се спротивставиле на злото на Холокаустот. Воедно, ни останува уште многу работа за да ги зачуваме спомените за депортираните Евреи и со тоа да ја заштитиме историската вистина од секој обид за ревизионизам.
Бидејќи, како што вели една стара сефардска мудрост: Сим меморија но ај авенир – без сеќавање, нема иднина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.