Претседателот Стево Пендаровски денеска ги посети општините Штип и Свети Николе во рамки на проектот „Лице в лице со претседателот“.

Во Штип, претседателот Пендаровски оствари средба со Мартин Алексов, сопственик на компанијата MOONLEX за производство на заштитни респираторни маски со фокус на FFP2 и FFP3 кои освен во справувањето со вируси, наоѓаат примена во борбата со загадувањето и во индустријата.

На средбата, претседателот Пендаровски беше информиран за основањето на компанијата, во 2021 година, како одговор на потребата за производство на сертифицирани маски за заштита од пандемијата на Ковид-19, во согласност со европските стандарди.

За време на посетата на оваа примарно извозно ориентирана компанија, претседателот Пендаровски беше запознат со автоматизираните и климатски неутрални производствени процеси, со тековните развојни стратегии и идните бизнис планови.

Во Домот на култура „Крсте Петков Мисирков“ – Свети Николе, претседателот Пендаровски оствари средба со маестро Кирил Трајковски, успешен педагог, диригент и композитор, автор на циклусот „Под источно небо“ – 10 суити за мандолински оркестар и на химната на градот.

Со маестро Трајковски разговараа за неговиот повеќе од 5 децениски ангажман основајќи низа жичани и вокални состави и оркестри со што дал значаен придонес за афирмацијата на македонската музичка култура и уметност.

Претседателот Пендаровски имаше можност да проследи настап на Градскиот мандолински оркестар „Свети Никола“ кој изведе композиции – филмска евергрин музика – Love story и Monja“ во аранжман на маестро Трајковски.

Во Свети Николе претседателот Пендаровски го посети ООУ „Кирил и Методиј“ и присуствуваше на училишен час оддржан од одделенскиот наставник Иле Михајловски, чија безмалку 3 децениска кариера е одбележана со хуманитарни активности и значаен придонес во инклузијата на ученици со атипичен развој.

Со Михајловски, претседателот разговараше за важноста од посветениот и одговорен пристап во образовниот процес, како законска, но и благородна обврска за овозможување развој на потенцијалите на сите ученици. Во таа насока беше нагласена и неопходноста од сензибилизирање на општеството во однос на потребите на учениците со различен развоен процес.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.