Во рамки на проектот „Лице в лице со претседателот“, претседателот на државата Стево Пендаровски денеска ги посети селата Теово, Богомила и Горно Врановци во општина Чашка.

Како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, во Теово му беше претставен јаворот за којшто се претпоставува дека е засаден во 15 век, претставува симбол на селото и е едно од најстарите дрва во земјава.

Претседателот беше информиран дека поради староста и спецификите, донесено е решение ова платаново стебло да биде прогласено за природна реткост, под надлежност на општина Чашка и беше запознаен со мерките што се преземаат за заштита, ревитализација и одржување на јаворот. Во разговорот со локалните жители беше посочено дека овие раритетни стебла, покрај како споменик на природата, имаат и културно-историска вредност создавана низ вековите, којашто секоја генерација има обврска да ја сочува, се наведува во соопштението.

Претседателот Пендаровски имаше можност да поразговара со жителите на Теово и за секојдневниот живот во селото, за предизвиците со кои се соочуваат, и да ги слушне нивните размислувања за актуелните теми во државата.

Во селото Богомила претседателот Пендаровски ја посети спомен-куќата на познатиот македонски општественик, публицист и идеолог на револуционерното ослободително движење и еден од основачите на ТМРО, Петар Поп Арсов. Од страна на историчарот и кустос Марин Клифов и директорот на Народниот музеј Велес, Ангел Коруновски, претседателот беше информиран дека во 1986 година куќата е конзервирана и била поставена музејска поставка, а истата година е прогласена за културно наследство на државата. При разгледувањето на документираните записи, предмети и фотографии, беше истакнато дека покрај што претставува признание и чест за делото на македонскиот револуционер, спомен-куќата истовремено е важен сегмент во туристичките потенцијали на Богомила, поради што пред дваесеттина години е санирана и реконструирана, задржувајќи ја автентичната архитектура, информира Кабинетот на Пендаровски.

Во селото Горно Врановци, пак, шефот на државата ја посети Партизанската печатница „Гоце Делчев“, каде што е отпечатен првиот број на весникот „Нова Македонија“, Меморијалниот музеј на Президиумот на АСНОМ, како и Меморијалниот музеј на Главниот штаб на НОБ и ПО на Македонија.

При посетата беше посочено дека петте спомен-куќи во Горно Врановци, кои претставуваат меморијални музеи, сведочат за значаен историски период од антифашистичката народноослободителна борба и неопходно е постојано подигање на свеста за одржување на автентичноста на објектите и зачувување на музејските поставки во нив, информира Кабинетот на Пендаровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.