Претседателот Стево Пендаровски вечерва ја прими претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која престојува во посета на Македонија. Како што соопшти прес-службата на претседателот, тие разговарале за процесот на пристапните преговори на земјава за членство во Европската Унија, за актуелните политички случувања во Македонија и за тековните состојби во регионот.

Во таа насока беа разменети информации за натамошните фази во преговорите по завршување на скриниг прoцесот и за динамиката на спроведување на реформите, стои во соопштението.

На средбата беше разговарано за претстојниот извештај на ЕК за напредокот на Македонија како земја-кандидат, како и за Планот за раст на Западниот Балкан, при што претседателот Пендаровски се заблагодари за поддршката и посветеноста од ЕУ на политиката на проширување и интеграција на земјите од Западен Балкан.

На средбата беа разменети мислења за стратешката важност од спроведување на измените на Уставот и натамошните импликации врз европската перспектива на земјава, се наведува во соопштението на претседателскиот Кабинет.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.