Колку брз ќе биде процесот на нашата интеграција во ЕУ зависи и од Брисел, и од државите-членки, но, најмногу од нас. Реформите не ги правиме за да ги задоволиме европските бирократи, туку, фундаментално да го промениме нашето општество и работата на нашите институции од кои нашите граѓани не се задоволни во висок процент, истакна претседателот Стево Пендаровски на Петтата пленарна сесија на Националната конвенција за Европската Унија во Македонија (НКЕУ-МК) која се одржува во Собранието. На пленарната сесија се дискутира на панели на темите „Основите на европската интеграција: Владеење на правото и спроведени реформи“ и „Како да се справиме со климатските промени и социјалните последици во земјоделството, шумарството и животната средина“.

Според претседателот, фокусот не треба да биде на техничко исполнување на критериумите за членство, туку на квалитетот на процесот зашто друг начин за реформите да бидат оддржливи и за сопирање на негативните трендови со кои се соочуваме во областа на владеење на правото – не постои.

-Само со излегување од конфорната зона на политички декларации, процесот на пристапување кон Европската Унија ќе ја има трансформативната моќ која ни е повеќе од потребна, рече Пендаровски.

Општиот впечаток меѓу нашите граѓани, како што кажа, за жал, е дека дел од преземените реформи или не се оддржливи на долг рок или го немаат потребниот степен на директно, позитивно влијание врз секојдневниот живот на граѓаните. Ова, потенцираше тој, особено се однесува на бројните промени и најави за промени во сферата на владеењето на правото.

Од првите поголеми реформи во оваа сфера во 2005-та, поминаа повеќе од 15 години, а довербата на граѓаните во судството и воопшто во функционалноста на нашата правна држава, како што кажа, е на рекордно ниско ниво.

-Сведоци сме дека недостатокот на правна сигурност и чувството дека партиската и етничката припадност се поважни од знаењето и вештините кои ги поседувате се меѓу главните причини за емиграција на голем број на млади луѓе. При тоа, емигрираат и дел од оние кои се добро етаблирани во општеството со изградени кариери и солиден животен стандард за наши услови. За нив, се разбира, и за сите останати, функционалната правна држава е прашање на квалитетот на животот, рече Пендаровски.

Во таа смисла, додаде тој, не е случајно дека токму владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата се вбројуваат во кластерот на „основни прашања“, односно на фундаменталните вредности во процесот на пристап кон Европската Унија.

-Сметам дека доколку ги оставиме настрана историските прашања на кои не им е местото во пристапниот процес, токму на оваа тема ќе биде нашата најголема предност или нашиот најголем недостаток, зависно од начинот на кој, во преговорите, ќе му пристапиме на овој сет на прашања, рече Пендаровски.

Тој посочи на четири главни правци кон кои смета дека треба да се движиме во исполнувањето на овие обврски, пред се, кон граѓаните, дури потоа кон Брисел.

-Прво, политичката волја за владеење на правото не смее да биде само декларативна, туку реална и присутна и во фазата на примена на законите, а, не само при нивното усвојување во Парламентот. Промената на законодавството е само еден, нужен, но, недоволен чекор за реални промени во нашите животи. Клучна е неселективната примена на законите и доследно почитување на независноста на институциите во оваа област, од страна на политичарите, рече Пендаровски.

Како второ, потенцира тој, во фокусот, на почетокот и на крајот на секоја реформа во правосудството треба да бидат луѓето кои работат во овие институции.

-Да бидам попрецизен: нам ни е потребно многу поквалитетно правничко образование на универзитетско ниво од тоа што сега го имаме, во смисла на комбинирање на теоријата и праксата во едукацијата на идните правници. Потоа, потребна е доследна примена на критериумите при регрутација на слушателите во Академијата за судии и јавни обвинители бидејќи оттаму се регрутираат идните судии и обвинители. Исто така, исклучително е важен начинот на кој се оценува работата на судиите и обвинителите и се одлучува за нивната евентуална одговорност, рече тој.

Во тој дел, како што кажа Пендаровски, нам ни е потребен целосно функционален и професионален Судски совет и Совет на јавни обвинители.

-Секое основано сомневање за работата на членовите на овие тела претставува голем хендикеп не само за инволвираните поединци, туку и за целиот правосуден систем бидејќи токму тие се надлежни за професионалниот квалитет и интегритет на луѓето во правосудниот сектор, рече претседателот.

Како трето, тој побара безрезервна поддршка на работата на Државната комисија за спречувањето на корупцијата.

-Не само што таа институција е една од малкуте чијашто работа е позитивно оценета во извештаите за напредок кон Европската Унија, туку и затоа што преку нејзината ефикасна работа политичарите ќе покажат на дело дека декларативните заложби имаат и практични последици, дури и во случаи кога нивните интереси, интересите на нивни сопартијци или нивни блиски ќе бидат засегнати, рече тој.

И четврто, потенцира тој, реформите во сферата на правната држава треба секогаш да бидат резултат на широк политички, но, не помалку важно, експертски и општествен консензус.

-Законите во оваа сфера треба да бидат поддржани од сите значајни политички фактори, а во нивната изработка да бидат вклучени експертите и граѓанските организации, како и експерти од државите-членки на ЕУ. Подготвеноста за асистенција од страна на нашите партнери од ЕУ и државите членки никогаш не била спорна, наше е колку и на кој начин ќе ја искористиме. Со други зборови, во реформите во оваа сфера клучен треба да биде консензусот, а не надгласувањето, истакна претседателот на државата.

Пендаровски посочи дека во тек е фазата на билатералниот скрининг, прилично динамичен период е пред нас и порача да останеме посветени и ангажирани, бидејќи европската интеграција и реформите кои се во тек, а, особено оние што претстојат, се примарна задача за одговорните политичари, но, и за многу други општествени чинители.

Се ближиме, рече Пендаровски, кон крајот на една исклучително тешка и непредвидлива година, во која суштински се промени севкупната безбедносна архитектура во Европа како резултат на руската воена агресија врз Украина.

-Овој илегален чекор, без преседан во поновата историја на Европа предизвика цела серија проблеми од кои, за жал, ниту една земја на континентот не беше поштедена. Во една ваква констелација, европската интеграција како мировен проект, но, и како проект кој обезбедува демократијаи просперитет на општествата, добива на значење, посебно во нашиот регион, каде се уште постојат тензии и ретроградни тенденции, чиј што деструктивен потенцијал не смее да биде занемарен, рече тој.

Тргнувајќи од еден ваков исклучително неповолен меѓународен контекст, според претседателот, процесот на реформи внатре во државата има двојно значење, со оглед на фактот дека натамошната демократизација,значи дополнителен влог во градењето на постабилна држава со функционални институции.

На отворањето на Конференцијата зборуваа и претседателите на собраниската Комисија за европски прашања Арбр Адеми, на Националниот совет за евроинтерации Александар Николовски, евроамбасадорт Дејвид Гир, заменикот шефот во амбасадата на САД и словачкиот амбасадор.

Со оваа пленарна сесија се заокружува петгодишниот циклус од работењето на Националната конвенција, која досега на 44 одржани сесии усвои над 500 препораки и вклучи над 2000 учесници кои ги претставуваа релевантните институции, граѓанските здруженија, бизнис секторот, академската средина, синдикатите и организациите на работодавачи во пет работни групи од поглавјата за правосудство, правда, земјоделство, социјална политика и животна средина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.